Фото: Pixabay
Технолошкиот гигант Apple е највредниот бренд на глобално ниво за 2017 година со пораст од 3% и вредност од 184.154.000.000 долари, покажува извештајот на Interbrand.
Зад Apple се најде уште компанија од технолошкиот свет, односно Google чиј бренд достигна вредност од 141,7 милијарди долари, што е скок од 6% во споредба со минатата година. Во топ три највредни брендови се најде и Microsoft со проценета вредност на брендот од 79,9 милијарди долари.
На врвот на листата се најдоа технолошки компании, додека на последните три позиции се најдоа: Tesla на 98-мо место со бренд вреден 4.009.000.000 долари, Moet & Chandon една позиција подолу со проценет бренд од 4.006.000.000 долари, додека на последно место е технолошката компанија Lenovo со пад на вредноста на брендот за 1% во однос на лани.
Извештајот покажува дека првите десет брендови имаат 42% од вкупната вредност на топ 100 најдобри брендови за 2017 година. Во таа група влегуваат: Apple, Google, Microsoft, Coca – cola, Amazon, Samsung, Toyota, Facebook, Mercedes – Benz и IBM.
Податоците на Interbrand покажуваат брендови што постигнаа двоцифрена стапка на раст: Facebook 48%, Amazon 29%, Adobe 19%, Adidas 17%, Starbucks 16%, Goldman Sachs 16%, Huawei 14%, Morgan Stanley 14%, Fed Ex 12% и Pay Pal исто така 12% раст.
Нови на листата на топ 100 највредни брендови се: Netflix на 78-мо место со бренд вреден 5,5 милијарди долари, Salesforce на 84-та позиција и вредност од 5,2 милијарди долари, додека Ferrari се позиционираше на 88-место достигнувајќи вредност од 4,8 милијарди долари.
Топ пет сектори од каде што произлегуваат највредните брендови во светски рамки се: технологија, автомобилска, финансиски услуги, пијалаци и трговија на мало.
Методологијата, што ја користи Interbrand за да ја направи ранг, листата поаѓа од три главни постулати: финансиски проекции, учество на брендот на пазарот и силина на брендот.