Фото: Стопанска банка Битола
Стопанска Банка а.д Битола донираше медицинска опрема, за потребите на неколку одделенија во ЈЗУ Клиничка болница Д-р Трифун Пановски во Битола, стои во соопштението.
Предмет на донација беа монитори за следење на витални параметри на пациентите и Електрокардиограф – апарат за снимање на срцевата работа за Одделот за неврологија, неонатолошки и бебешки креветчиња за Одделот за неонатологија и Детското одделение. Исто така, донирана беше и друга опрема којашто ќе биде распределена во Одделот за гинекологија и останатите одделенија според потребите на Клиничката болница во Битола.
Донацијата беше предадена од членовите на Управниот одбор на Стопанска Банка а.д. Битола, Наташа Несторовска и Гордана Балтовска, на директорот на болницата д-р Зоран Лазаров. На настанот присуствуваа и д-р Жаклина Сирвини – помошник директор за интернистички гранки и д-р Снежана Ристевска – специјалист невролог, со чија соработка беа договорени и предметите на донирање.
Членот на Управниот одбор на банката, Наташа Несторовска, истакна дека со оваа донација Стопанска Банка а.д. Битола уште еднаш на дело ја потврдува својата социјална и општествена одговорност. Донацијата се однесува на оние сектори и институции во нашето општество каде е најмногу потребна.
Директорот на Клиничката болница Битола, Д-р Зоран Лазаров, истакна дека опремата ќе помогне во работата на болницата, придонесувајќи во поквалитетна услуга и третман на пациентите и ќе го направи престојот и животот на пациентите поедноставен и полесен.
Целта на банката е со оваа донација да се придонесе за унапредување и поддршка на јавното здравство во Република Македонија како дејност од јавен интерес.