Основачот на Stripe е најмладиот милијардер во светот

51

kolison

Фото: Facebook

Џон Колисон, кој има 27 години, е најмладиот милијардер во светот кој самиот го стекна своето богатство. Роден е во мало село во Ирска, а основач е на американската компанија за софтвер Stripe. Иако има само 27 години Колисон е самоуверен лидер и одличен комуникатор, пишува BBC.

“Можеби ќе се запрашате што е толку тешко за започнување на онлајн бизнис. Креирање на производ што луѓето сакаат да го купат и да ги натерате да слушнат за тоа е нешто што можеме да го решиме, но добивањето на пари од луѓе преку интернет беше исклучително тешка работа“, вели Џон Колисон.

Компанијата ја основал во 2011 година со својот брат Патрик, кој е третиот најмлад милијардер во светот. Софтверските системи на оваа компанија овозможуваат на компаниите ширум светот полесно да го завршат процесот на онлајн плаќање и да водат свои веб страни. Компанијата има 100.000 корисници низ светот, а нејзината вредност изнесува скоро осум милијарди евра.

Браќата Колисон пораснале во рурален дел на Ирска. По завршување на средното училиште одлучиле да студираат на престижни американски факултети. Патрик се пријавил во Институтот за технологија во Масачусетс, а две години подоцна Џон е примен на Харвард. Но, пред да бидат примени на факултет станале милионери благодарение на софтверската компанија којашто на малите компании и поединечни купувачи им овозможила полесно работење на eBay. Компанијата наречена Auctomatic ја продале во 2008 година за пет милиони долари. По ова и двајцата ги напуштаат студиите за во Калифорнија да ја основаат компанијата Stripe. Бројот на нивните корисници брзо растел, а финансиска поддршка добиле од основачот на Tesla Motors, Илон Мaск и основачот на Pay Pal, Питер Тиел.