Меѓународното училиште Нова во салата на Македонската опера и балет го одбележа јубилејот од две децении, а на настанот присуствуваа голем број етаблирани гости, стои во соопштението на Нова.
Присутните погледнаа музички и танцови перформанси како и церемонија која беше варијација на доделувањето на Оскари, но овој пат статуетките отидоа во рацете на оние кои изминативе две децении успеале да поддржат и насочат на вистински пат генерации и генерации на ученици и воедно придонеле училиштето секогаш да ги задржи високите стандарди во работата и постојано да напредува. По настанот кој беше исполнет со музика и танц се одржа и свечен коктел на кој голем број на луѓето кои биле и се дел од големото семејство на Нова разменија искуства и разговараа за деновите поминати во училиштето.
Во изминативе 20 години низ Нова поминале повеќе од 5.000 ученици, а голем дел од нив образованието го продолжиле на некои од најпрестижните светски универзитети меѓу кои и Харвард, Јејл, Оксфорд, Принстон, Беркли, Бард, итн.
“Ние го гледаме училиштето како лидер во образованието во поголем регионален контекст. Во првите редови на реформите во образованието и во практиките кои ги предвидуваат сеизмичките промени во денешниот свет и ги подготвуваат учениците за предизвиците на кои ќе наидат во овој свет кој е технолошки поврзан, а воедно и постојано се менува“, посочуваат од училиштето Нова.
На вчерашната свечена прослава на сцена се качија и поранешни ученици како и професори кои изведоа специјално подготвени точки кои кореспондираат со поводот – јубилејот од две децении. Но, врвот на вечерта беше доделувањето на статуетките со што им се даде признание на некои од најзаслужните луѓе во градењето и развојот на оваа институција.
“Идејата беше целата програма како и водителите на интересен и хумористичен начин да пробаат да го доловат карактерот и динамиката на училиштето. Главните протагонисти одговорни за развојот на образованието и напредокот кај учениците добија статуетки и тие отидоа во рацете на грижливите и посветени наставници, ефикасната администрацијата, лидерството кое ја креира визијата, родителите како најголема поддршка на децата, кафетеријата, обезбедувањето и луѓето кои неуморно се грижат за хигиената на училиштето“, објаснуваат од Нова.
Во училиштето има три дивизии: предучилиштен центар, основно и средно училиште. Нова е меѓународно училиште, акредитирано од Middle States Association of Colleges and Schools и поддржано од Американскиот Стејт Департмент.
Покрај редовната програма во Нова се изведуваат програмите по Меѓународна Матура (International Baccalaureate) и AP програмите на високо ниво (College Board). Нова е дел од асоцијацијата CEESA во која членуваат акредитирани меѓународни училишта од централна и источна Европа.
Во училишната програма се вклучени голем број на клубови и вон-школски активности кои се специјално креирани за потребите на учениците. Нова е формирана во 1997 година, а од тогаш училиштето постојано ги усовршува своите просторни, кадровски и програмски параметри.