Хуманитарна акција на Секјуриком на Клиниката за детски болести

58

1

Во текот на изминатите две недели групацијата Секјуриком, како долгогодишен поддржувач на Клиниката за детски болести Скопје, се вклучи во уште една хуманитарна акција. Од Секјуриком одлучија оваа година наместо да организираат корпоративна прослава и да праќаат подароци до соработниците, средствата да ги пренасочат во хуманитарни цели, стои во соопштението.

На заеднички состанок со директорите на Клиниката како приоритетна беше проценета потребата за генерално чистење и средување на таванските простории. Извршено е специјализирано чистење на таванските простории со ангажман на високопрофесионални екипи, опремени со соодветни средства за заштита при работа, како и висококвалитетни еколошки средства и опрема што ги исполнуваат највисоките европски стандарди за квалитет.

“Оваа поддршка е дел од нашите активности како општествено одговорна компанија којашто инвестира во заедницата во којашто делува. Она што особено ме радува се нашите вработени, кои се проактивни и самите иницираат вакви хуманитарни акции. Оваа година, одлучивме средствата за досегашните корпоративни подароци како и за традиционалната предновогодишна забава да ги пренасочиме во добротворни цели, односно за акцијата во Клиниката”, изјави Иво Ивановски, менаџер за продажба во Секјуриком.

Соработката на Клиниката за детски болести со Секјуриком трае години наназад. Во предновогодишниот период имаат организирано посета со ликовите на Маша и Медо кои делеа подароци на децата хоспитализирани на Клиниката. Во пресрет на 2016 година Секјуриком заедно со Kултура и Фондацијата Златна рипка направија хуманитарна новогодишна честитка, а со собраните пари од продажбата на честитката се купи медицинска опрема за Клиниката. Минатата година Секјуриком со МАБА (Македонско – австриска бизнис асоцијација) донираа апарат за неинвазивна механичка венитилација на Одделот за Интензивна нега и терапија вреден 13.000 евра. Ова се само дел од акциите коишто Секјуриком досега ги има иницирано за Клиниката за детски болести.

“Благодарни сме на Секјуриком и на постојаната поддршка којашто ја добиваме од нив. Соработката со оваа компанија трае веќе неколку години и донациите од нивна страна се секогаш добредојдени и потребни на клиниката, особено во овој период од годината. Ова е период на дарување, месец на празнување во кој правите убави нешта за луѓето околу вас. Навистина ни е драго што Секјуриком се тука и оваа година да ни помогнат да ги подобриме условите за подобро функционирање на Клиниката”, изјави д-р Катерина Ставриќ, директорка на Клиника за детски болести.

Секјуриком групацијата веќе 17 години е препознатлива по иновативните пакети на услуги за безбеден, чист и функционален простор за деловно работење и живеење, од областа на  професионалниот сервис за чистење, тековното одржување и обезбедувањето.