Пет бесплатни компјутерски програми за потребите на малите бизниси

68

lap-top-pexels-1

Фото: Pexels

Основна цел на компјутерските програми е да ја зголемат ефикасноста и продуктивноста на работењето. Но, воведувањето на нов софтвер, особено во мало претпријатие, знае често да биде и неподнослив трошок на работењето. За среќа, на пазарот постојат повеќе бесплатни компјутерски програми со чие користење може значително да го унапредите вашиот бизнис.

Во овој текст, ќе презентирам неколку од нив, со чија примена имам искуство, а коишто покриваат различни сегменти од работењето.

Финансиско сметководство: GnuCash

GnuCash е бесплатна компјутерска програма за водење финансиско сметководство, специјално дизајнирана за потребите на малиот бизнис. Особено ја препорачувам за претпријатијата коишто користат надворешни сметководствени услуги, а имаат потреба да ја зголемат ефикасноста и прегледноста на интерното сметководство. Оваа програма ги овозможува сите сметководствени книжења, вклучува систем за евиденција на платите, автоматска пресметка на ДДВ, известувања за доспеаните обврски и многу други функционалности, кои можат значително да го олеснат деловното работење. Извештајниот дел е, исто така, прилично разработен и покрај основните финансиски извештаи, билансот на состојба и билансот на успех, вклучува и одлична графичка презентација на значајни сегменти од работењето. Основен недостаток е што не овозможува детална материјална евиденција, односно евиденција на залихите во магацинот.

Материјално сметководство – InFlow Inventory

InFlow Inventory e специјализиран софтвер за управување со залихи и го покрива основниот недостаток на GnuCash програмата и со паралелно користење на овие две програми може да се покрие целокупното сметководствено работење на едно претпријатие. Додека GnuCash е потполно бесплатна програма, InFlow Inventory покрај бесплатната верзија има и верзија со надомест. Ограничувањата на бесплатната верзија се во однос на бројот на производи и купувачи, што не треба да биде поголем од 100.

InFlow Inventory овозможува: евиденција на залихите на производи по просторни единици, внес на купувачи и добавувачи, набавки и продажби, избор на систем на евиденција на залихите (ФИ-ФО, ЛИ-ФО, пондериран просек), евиденција на наплатата и исплатата, попишувањето и отписот. Програмата има и одлична извештајна база и вклучува изработка на голем број на документи поврзани со материјалното работење. На сите оние претпријатија кои водат материјална евиденција во Excel им препорачувам преориентација кон InFlow Inventory.

Изработка на веб страница – WordPress

Во услови на масовна дигитализација, поседувањето на бизнис веб страница е веќе неопходност. На пазарот постојат повеќе платформи за бесплатна изработка на веб страница, меѓу кои WordPress е најкористената. Со WordPress може брзо и потполно бесплатно да изработите и да одржувате веб-страница, која ќе ги задоволи потребите за презентација на повеќето бизниси. Главното ограничување во бесплатната варијанта е во називот на страницата, која мора да ја содржи наставката wordpress.com. Сите ограничувања во бесплатната варијанта, лесно се надминуваат со склучување на договорот со некоја хостинг компанија, чија услуга не мора да биде поскапа ниту од 1.000 денари годишно.

Графички дизајн – Snappa

Во услови на масовна дигитализација, дигиталниот маркетинг станува најефикасен начин за промоција на производите и услугите. Рекламирањето на социјалните мрежи, рекламирањето преку веб страниците и блогови, e-mail маркетингот подразбираат и вклучување на специјално дизајнирани графички прикази, со кое ќе се привлече вниманието на потенцијалната публика. Сите оние кои се занимавале со дигитален маркетинг, знаат колку изборот на адекватна димензија на сликата, влијае врз квалитетот на рекламата. Објавите на написи или линкови на различните социјални мрежи имаат различни пропозиции во однос на димензиите. Snappa е апликација во којашто едноставно бирате за која цел го правите графичкиот дизајн, без да навлегувате во дефинирање на адекватните димензии. Со оваа апликација може прилично едноставно да изработите графички дизајн со позадина, текст, ефекти, облици и елементи, согласно вашите специфични потреби. Бесплатниот план на Snappa е ограничен на симнување на 5 графички дизајни во текот на еден месец.

E-mail маркетинг – MailChimp

E – mail маркетингот е вид на дигитален маркетинг, преку којшто се врши промоција со испраќање на e -mail порака до потенцијалните купувачи. MailChimp е апликација, којашто овозможува автоматизирано испраќање на тие пораки, креирање на форма за запишување на вашата e – mail листа (којашто може да ја поставите на вашата веб страница или на профилите на социјалните мрежи), креирање на e – mail кампања и следење на резултатите од кампањата. Сето тоа може да го направите апсолутно бесплатно, со ограничување до 2.000 e – mail адреси и 12.000 испратени e – mail пораки месечно. Покрај за промотивни активности, оваа апликација е особено корисна и за фирмите, кои често треба да праќаат известување до нивните клиенти. MailChimp ќе им овозможи автоматизација на тој процес.

Сите овие програми се дизајнирани за едноставно користење и може да најдете повеќе детални упатства за нивно користење. Доколку сакате побрзо и полесно да се вклучите во користењето на овие програми, преку видео упатства на македонски јазик, прегледајте ги курсевите и обуките на Институтот Практикум.