Директните странски инвестиции во Хрватска во 2012 година изнесувале 973,3 милиони евра, што е за 107 милиони евра, односно околу 10% помалку отколку во 2011 година, покажуваат податоците на Хрватска народна банка (ХНБ).
Аналитичарите на централната банка во последниот Билтен, осврнувајќи се на последното тримесечје од 2012 година, напоменуваат дека во тој период скоро и да немало нови странски сопственички инвестиции.
“Со само шест милиони евра вложени во нови проекти во текот на последните три месеци од минатата година, продолжува воздржаноста на меѓународните инвеститори кон вложувањето во Хрватска”, оценуваат аналитичарите на ХНБ.
Статистиката по дејности покажува дека странците лани најмногу инвестирале во останати дејности, а потоа во проекти поврзани со недвижнини и трговија. По земји, скоро две третини од вкупните странски инвестиции доаѓаат од Австрија (643,2 милиони евра), потоа следуваат Луксембург (171,3 милиони евра), Холандија (134,5 милиони евра) и Турција (130,8 милиони евра).
Статистиката на централната банка бележи одлив на капитал во некои земји и тоа 109,4 милиони евра во Германија и 59,3 милиони евра во Унгарија.
Според податоците што ги објави ХНБ, во изминатите 20 години, од 1993 до 2012 година, директните странски инвестиции во Хрватска изнесуваат вкупно 26,75 милијарди евра.