Во подготовки Национален оперативен план за широкопојасен интернет

57

electronic-communicationФото: Pexels

Во тек е подготовката на Национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи во Македонија. Четирите работни групи што се формираа како резултат на објавениот повик за сите заинтересирани страни ги одржаа првите состаноци, на коишто беше утврдена динамиката на работа, предизвиците и активностите за наредниот период.

Националниот оперативен бродбенд план треба да биде усогласен со претходните стратешки планови на ЕУ. Во таа насока мапирањето на државните електронски комуникациски мрежи и мапирањето на постојни и идни комерцијални електронски комуникациски мрежи е од суштинско значење, а особено за точното определување на  “белите“ зони, односно зони каде нема и не се планира NGA мрежи, во коишто во иднина ќе треба да се вложат јавни средства за нивно покривање.

На состанокот се утврди потребата државните/јавни институции што имаат електронски комуникациски мрежи да достават комплетни информации за своите телекомуникациски мрежи и во текот на месец март да се заврши постапката со нивно мапирање.

Останатите три работни групи се за утврдување мерки и активности потребни за воведување на 5G мобилна технологија, за обезбедување подобра координација на процесот на мапирање на територијата на Македонија со постоечки и планирани идни бродбенд електронски комуникациски мрежи и за утврдување предлог мерки за поттикнување и зголемување на интересот на граѓаните за користење бродбенд.