Тиквеш: Со квалитетно грозје до подобар извоз

92

grozjeОд Винарската визба Тиквеш вчера соопштија дека грозјето од бербата 2012 година е исплатено, а меѓу откупените сорти доминирале сортите вранец, смедеревка, шардоне, ризлинг, мерло, каберне совињон. Вкупната количина на откупено грозје од Тиквеш изнесува повеќе од 16 милиони килограми.

Во соопштението се наведува дека долгорочниот партнерски однос со лозарите овозможува стабилно снабдување со високо квалитетно грозје кое е основа за создавање на врвни вина. Како извозно ориентирана компанија, Тиквеш продолжува да ги зајакнува своите позиции на странските пазари и да освојува нови.

Исплатата на сите индивидуални производители на грозје и правните лица по основ на 2.343 договори во вредност од околу 200 милиони денари е целосно заокружена. Околу 50% од вкупната вредност на откупеното грозје отпаѓа на индивидуални земјоделци – лозари, чии број изнесува 974 лозари.

“Извозот останува наш врвен приоритет. Затоа од клучно значење е квалитетот на грозјето за да произведеме врвно вино кое ќе биде конкурентно на странските пазари. Во таа насока унапредувањето на партнерскиот однос и соработката со нашите партнери лозарите е од клучно значење. Ние се обидуваме низ еден континуиран процес да ги применуваме добрите пракси во процесот на одгледување на грозје и создавање на врвно вино”, изјави Игор Илиевски, генерален директор на Тиквеш.

Согласно пријавата до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Винарската визба Тиквеш планира зголемување на откупените количина на грозје за бербата 2013 година, за повеќе од 50% во споредба со минатата година.