Фото: Pixabay
Изминатата година имало незначително помал број деловни субјекти во споредба со 2016 година, објави Државниот завод за статистика.
Во извештајот е наведено дека бројот на активните деловни субјекти во Република Македонија, во 2017 година, изнесува 71.419 и во однос на 2016 година е намален за 0,1%. Ова намалување главно се должи на намалувањето на бројот на активните деловни субјекти во секторот Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (379 субјекти), Земјоделство, шумарство и рибарство (146 субјекти), секторот Транспорт и складирање за 97 субјекти. Во 2017 година, во однос на претходната, секторот Стручни, научни и технички дејности бележи мало зголемување (330 субјекти).
Според податоците за структурата на активните деловни субјекти по сектори на дејност покажуваат дека во 2017 година најголемо учество имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 32,7% и Преработувачка индустрија со 11,0%. Најмала застапеност имаат секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 0,2% и Рударство и вадење на камен со 0,3%.
Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработените покажуваат дека најголемо учество од 79,3% имаат деловните субјекти со 1 до 9 вработени. Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјекти со неутврден број вработени (без податок за вработени) со 11,0%, па субјектите со 10 до 19 вработени со 4,5%, потоа субјектите со 20 до 49 вработени, чие учество изнесува 2,9%, со 1,9% учествуваат субјектите со 50 до 249 вработени и само 0,3% од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.