Неколку барања за задолжителна котација доставени во Македонска берза

48

berzaДосега во Македонска берза се пристигнати неколку барања за задолжителната котација. Крајниот рок за доставување на барањата на компаниите е 30 април, а се очекува најголемиот дел да пристигнат во последните денови.

Во интервју за МИА директорот на Берзата Иван Штериев изјави дека Одборот на директори на Берзата во рок од 60 дена од поднесувањето на барањето треба да донесе одлука за котација со што компанијата формално ќе котира на Берза, за потоа да започне со континуирано објавување на пропишаните ценовно чувствителни информации.

Според него, оваа мерка од аспект на македонскиот секундарен пазар на хартии од вредност, од аспект на работењето на Берзата и нејзините членки, брокерски куќи може дефинитивно да се оцени како позитивна, како нешто што во информативна смисла во јавноста ќе отвори уште стотина нови компании, кои на редовна основа ќе известуваат што се случува кај нив. Од тој аспект, тоа е нов квалитет и ќе ја зголеми транспарентноста на целиот македонски пазар на хартии од вредност.

За компаниите како правни лица, како бизнис, главна придобивка од задолжителната котација би требало да биде нивната поголема транспарентност во иднина, која дополнително ќе влијае на подобрување на позицијата на компанијата и при аплицирање за нови банкарски кредити.

“Покрај определени дилеми во јавноста дали ова е оптимална мерка во оваа фаза на равој на македонскиот пазар на хартии од вредност и потенцирањето дека е идеално компаниите самостојно да одлучат да дојдат на берза, а не некој да ги принудува, според наше мислење, при давањето на оценката за бенефитите од задолжителната котација треба да се пристапи балансирано и, без дилеми, да се потенцира дека оваа мерка е дефинитивно позитивна во поглед на зголемување на транспарентноста, централизирање на информациите за компаниите и потенцијалните индиректни ефекти што од неа може да произлезат алтернативно небанкарско финансирање, поефикасно корпоративно управување, подобар увид за случувањата во компаниите, формулирани и предвидливи дивидендни политики и слично”, истакнува Штериев.

Тој додава дека трошоците за котација кон Берзата, според него, не се нешто што претставува посебен товар за финансискиот капацитет на компаниите кои се опфатени со законската мерка за задолжителна котација.