Луѓето понекогаш можат да бидат толку страствени кон својата идеја, па сакаат да ја реализираат што побрзо, без претходно детално истражување и без објективни анализи. Ваквите потфати најчесто завршуваат со пропаднат бизнис и голема сума на изгубени пари.
Затоа, верувајте во своите идеи, но одлуката донесете ја со главата, не со срцето.
Анализирајте го вашиот производ
Многу е важно прво добро да разберете што претставува вашиот иден производ/услуга. Размислете за тоа што му нуди вашиот производ на купувачот, размислете за практичноста, карактеристиките и користа која вашата услуга или производ му ги нуди на купувачот. Разговарајте со вашите потенцијални купувачи и откријте што мислат за користа која ја нудите, наспроти онаа која ја нуди вашата конкуренција. Ова е првата фаза во разработката на вашата идеја, кога треба да размислите што ќе се продава, за подоцна да утврдите дали некому тоа му треба и зошто.
Пазарот за вашиот производ
Истражете го пазарот на кој вашиот производ или услуга би биле присутни. Кога сте дефинирале што продавате и кои се вашите производи и услуги во првата фаза, во следната треба да утврдите дали за таков вид на производ/услуга има потреба, односно дали постои пазар.
На основа на информациите кои ги имате за пазарот треба да одлучите дали да продолжите со развој на идејата. Дали да ја прилагодите на основа на новите сознанија или да ја отфрлите во потполност и да започнете да работите на друга идеја.
Целни купувачи
Кога подобро сте го запознале пазарот, време е да го дефинирате профилот на вашиот потенцијален купувач. Зошто? Многу е важно да знаете точно по сите параметри да опишете за кого е наменет вашиот производ. Производот кој нема своја целна група и е наменет за сите, нема купувачи. Можни параметри за физички лица се: староста, фамилијарниот статус, локацијата, образованието, приходите, професијата и интересите и сл., а за правни лица: со што се занимава, големината, квалитетот, технологија, начинот на плаќање и сл.
Вашата конкуренција
Треба детално да ја анализирате и својата конкуренција. Вашата цел е да имате увид во тоа што го нуди вашата конкуренција, за да може да го понудите производот поефтино и поквалитетно. Ваша цел е на нивните слабости да ги изградите вашите темели. Можеби нивната услуга е лоша или можеби нивниот производ има мани. Најдете аспект кадешто вие можете да направите подобро, попаметно и поефтино. Тоа ќе биде клучот за продажба на вашиот производ, нешто што ќе ве одвои од остатокот на конкуренцијата.
На крајот кога сте ги поминале сите фази во анализа на вашата бизнис идеја, можете да дојдете до три заклучоци:
- Сте увиделе дека имате идеја која има свое место на пазарот;
- Сте увиделе дека на вашата идеја и се потребни промени за да има свое место на пазарот;
- Сте увиделе дека треба да се откажете од идејата и да работите на нова.