Познатото македонско црвено вино Т’га за југ годинава слави 40 години од своето постоење на пазарот. По тој повод амбалажата на виното, кое во себе ја содржи автентичната македонска винска приказна, ќе добие нов изглед.
Виното Т’га за југ е веќе достапно и во т.н. bag in box пакување од 3 литри кое овозможува негова заштита од оксидација долго по отворањето. Винаријата Тиквеш најави и проширување на оваа линија на вино, па во иднина љубителите ќе можат да уживаат и во бела Т’га за југ како и во Т’га за југ зреена во дабови, барик буриња.
“Нашата визија е создавање на врвни вина кои ќе ги задоволат вкусовите на модерниот човек на сите пазари во светот. Затоа, континуирано инвестираме во нови вкусови и ја збогатуваме нашата палета на вина. Но, истовремено винската индустрија е една од најавтентичните поради својата традиција. Токму затоа со еднаква посветеност работиме и на нашите традиционални вински брендови како што е виното Т’га за југ. Затоа создадовме и екстензија која ќе понуди едно ново видување на оваа винска приказна”, изјави Игор Илиевски, генерален менаџер на Тиквеш.
Во 2012 година на пазарот се пласирани вкупно 541.441 литри од виното Т’га за југ, во вредност од над 1,8 милиони евра. Половина од овие количини се пласираа на домашниот пазар, додека останатиот дел се пласира на пазарите во регионот.
Во Србија и во Хрватска Т’га за југ е едно од најпродаваните вина на винаријата Тиквеш. Во изминатите четири децении од првото појавување на Т’га за југ на пазарот, досега се произведени 11,2 милиони литри од ова вино.
Создавањето на ова македонско вино е поврзано со почетоците на Струшките вечери на поезијата. Црвеното вино од сортата вранец со својот вкус ги потсетувало поетите на Македонија и топлината на луѓето и земјата. Затоа предложиле виното да се вика Т’га за југ исто како и елегиската песна на Константин Миладинов.