Monna – мултифункционална клупа за полнење и поправка на електрични велосипеди

92

Фото: Include.eu

Хрватската компанија Include ја претстави мултифункционалната клупа под името Monna, којашто може да биде поставена во рурални или урбани средини на локации каде што нема електрична енергија, пишува Пословни дневник.

Освен тоа што може да се полнат мобилни уреди, има wi – fi и ноќно осветлување, Monna преку посебно дизајнирани соларни панели овозможува полнење на електрични велосипеди, компресор и алат наменет за нивна поправка. Клупата има вградени сензори за собирање и анализа на податоци околу бројот на велосипеди, атмосферските услови, како што се температура и влажност и слично.

Вградениот компресор овозможува лесно полнење на гумите на велосипедите со потребниот воздух, а кога ќе се постигне соодветниот притисок, полнењето престанува автоматски.

Исто така, Monna е опремена со алати од не’рѓосувачки челик за поправка на велосипедите.

Компанијата Include стои за дизајнот на паметните клупи Steora, коишто овозможуваат полнење на мобилни уреди, wi – fi, ноќно осветлување, но и надзор на јавните површини преку напредни камери или дигитално огласување преку LCD екран со користење на технологија на препознавање на минувачите, со што рекламирањето е таргетирано според корисниците.