Според пишувањата на хрватскиот бизнис портал Бизнис, Босна и Херцеговина е најголемиот извозник на млеко и млечни производи во Македонија, со 6,65 милиони евра во 2011 и 1,56 милиони евра во првиот квартал во 2012 година.
Бројките за увоз на млеко и млечни производи во Македонија во последните неколку години покажуваат тренд на зголемување за неверојатни 78% и пад на откупот на домашно млеко за 30%.
Млекопроизведувачката индустрија, некогаш најпрофитабилната гранка на македонското производство денес е на колена. Експертите и произведувачите се согласни дека ситуацијата е катастрофална и во брзо време може доживее вистински колапс.
Состојбата во македонските млекари според многумина е само игра на големите инвестициони компании, Salford сопственик на Млекара Битола, а во исто време сопственик на Млекопродукт и Ист милк во Босна и Херцеговина, како и Lactalis, кој ја поседува млекарата Идеал Шипка, а во своите редови ги има и млекарите Дукат и Инмер од Босна и Херцеговина.
Овие ќерки компании го преплавуваат македонскиот пазар со млеко и млечни производи. Во Македонија, по Босна и Херцеговина најголеми увозници на млеко и млечни производи се Германија, Србија, Хрватска, Словенија и Австрија.