Македонската прехранбена компанија Макпрогрес Виница и официјално започна да користи обновливи извори на енергија во процесот на производство. 270 kW фотоволтаична централа, којашто е инсталирана на покривот на фабриката во Виница, веќе создава дел од неопходната енергија за да може да функционира процесот на производство во овој наш пред сè извозно ориентиран производител, стои во соопштението.
Со оваа инвестиција во иновативни технологии – фотоволтаични панели произведени од македонската компанија Пиксел Груп, Макпрогрес Виница обезбеди еколошки извор на енергија, којашто е обновлива, не загадува и придонесува директно кон заштита на животната средина. Изведбата на фотоволтаичната централа го реализира компанијата КМГ ЕОЛ Квазар, којашто е лидер на македонскиот пазар од оваа област.
“Македонија како земја е зависна од увоз на електрична енергија. Истовремено, многу малку создава енергија од обновливи извори, од сонце, вода и ветер, која на краток рок можеби е поскапа, но долгорочниот ефект врз животната средина е непроценлив. Македонското сонце преку првите македонски соларни панели, за прв пат се користи за производство на македонски производи, коишто се извезуваат низ целиот свет. Со оваа инвестиција, Макпрогрес Виница придонесува кон зголемено искористувањето на обновливите извори на енергија во Република Македонија, давајќи добар пример и за останатите компании во нашата држава”, изјави Глигор Цветанов, Извршен директор на Макпрогрес Виница.
“Инвестицијата во соларни системи е оправдана и исплатлива, а се враќа за период од пет до осум години. Соларните модули се направени со тенко, темперирано, калено ивисоко издржливо стакло што ги прави да бидат издржливи на тешки товари и притисоци до 5.400 Pa, да се издржливи на влага, корозија и други надворешни влијанија, овозможувајќи нивна функционалност и рентабилност најмалку 25-30 години”, дополнително информира, Горан Паунов, извршен директор во Пиксел Груп.
Фотоволтаичните панели ја искористуваат енергијата којашто доаѓа од сонцето, којашто е дел од т.н. “зелени еколошки енергии“, а кои придонесуваат кон намалување на штетните емисии во воздухот, не загадуваат и овозможуваат одржливо, економично и профитабилно снабдување со електрична енергија. Фотоволтаичните соларни модули на Пиксел Груп се произведени според најстрогите меѓународни стандарди и сертификати за квалитет, со гарантирана моќност од 83,3% по 25 години.
Макпрогрес Виница за следната година планира да користи околу 30% од вкупната годишна потрошувачка на електрична енергија во компанијата произведена од сонце.