Радиолошки апарати од Жито Лукс за Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле

45

Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле доби нова донација од Жито Лукс, негатоскопи, стои во соопштението. Донацијата е дел од континуираниот општествено одговорен однос на компанијата кон здравствените установи кои третираат белодробни заболувања кај децата и истата се спроведува во рамки акцијата Сè за децата на Институтот Козле.

Негатоскопите се технолошки напредна опрема дизајнирана за читање на рендгенските х – зраци и се наменети за радиолошка дијагноза.

“Загадувањето на воздухот е актуелен проблем кој е причина за голем број респираторни заболувања кај луѓето. Најпогодени од целата ситуација се децата и токму затоа нашето внимание, како општествено одговорна компанија, го насочивме кон детските здравствените институции“, изјави Лидија Трајковска Ристевска, Маркетинг менаџер во Жито Лукс.

Оваа е веќе трета донација од компанијата Жито Лукс за Институтот Козле и новите апарати значително ќе ја подобрат неговата работа и навремената интервенција.

“По континуираната поддршка и активната грижа, во компанијата Жито Лукс препознаваме многу повеќе од општествено одговорна компанија, таа веќе е пријател на оваа здравствена установа и на децата што тука се лекуваат. Секоја донација ни е добредојдена, но посебно нè радува кога станува збор за донација на современа опрема којашто може многу да ни помогне во прецизна, брза и навремена дијагноза“, изјави Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.