НБРМ: Зголемена ликвидноста на банкарскиот сектор во декември

26

Во декември, ликвидноста на банкарскиот систем се зголеми. Според оперативните податоци за тековите на ликвидност, зголемувањето пред сè е резултат на промената кај монетарните инструменти, односно на понискиот износ на средства на банките пласирани во краткорочни депозити кај НБРМ (што во најголем дел се должи на депозитите преку ноќ), при непроменета состојба на благајнички записи на НБРМ. Автономните фактори, на нето – основа делуваа во насока на креирање ликвидни средства во системот, пред сè како резултат на девизните интервенции на НБРМ (откуп на девизи) и на намалувањето на депозитите на државата кај НБРМ. Готовите пари во оптек забележаа раст вообичаен за последниот месец од годината, делувајќи во насока на повлекување ликвидни средства од системот.

Вкупните депозити продолжија да растат на месечна основа и во ноември, со забележана побрза динамика во споредба со растот во претходниот месец. Од секторски аспект, месечниот раст од 1,3%, во еден дел е резултат на зголемувањето на износот на средствата на сметките на единиците на локалната самоуправа кај НБРМ, а раст бележат и депозитите на домаќинствата и депозитите на претпријатијата.

Анализирано од валутен аспект, месечното зголемување на депозитите речиси подеднакво произлегува од растот на денарските депозити (со вклучени депозитни пари) и на девизните депозити. Во периодот октомври – ноември 2018 година вкупните депозити остварија раст, така што со ваквите остварувања состојбата на вкупните депозити на крајот на ноември е пониска од очекуваната за крајот на четвртото тримесечје од 2018 година.

Годишната стапка на раст на вкупните депозити во ноември изнесува 12,6%, што е над проектираниот годишен раст за 2018 година (од 10,2%), согласно со октомвриската проекција. Од секторски аспект, растот во најголем дел произлегува од депозитите на домаќинствата, при што солиден придонес имаат и депозитите на претпријатијата. Од аспект на валутната структура, најголем дел од растот се должи на депозитите во домашна валута вклучително и депозитните пари), при позитивен придонес и на депозитите во странска валута.

Депозитите на домаќинствата во ноември продолжија да растат на месечна основа, со побрза динамика во споредба со претходниот месец. Месечниот раст на депозитите на домаќинствата од 0,7%, од рочен аспект, речиси подеднакво произлегува од растот на краткорочните и долгорочните депозити. Од аспект на валутната структура, денарските депозити (со депозитни пари) имаат најголем придонес во растот на вкупните депозити, а позитивен, но помал е и придонесот на девизните депозити. Во ноември, учеството на денарските депозити (со депозитни пари) во вкупните депозити на домаќинствата изнесува 50,8% и е малку повисоко во споредба со претходниот месец (50,7%). На годишна основа, растот на депозитите на домаќинствата во ноември изнесува 8,3%.