Самсунг најави супербрза 5G мрежа до 2020 година

88

samsungСамсунг Електроникс успешно ја тестираше супербрзата петта генерација (5G) безжична технологија, која на корисниците ќе им овозможи превземање на цел филм за една секунда. Од компанијата велат дека тестовите покажале дека еден гигабајт може да се пренесе за една секунда на оддалеченост од неколку километри.

Новата технологија која нема да биде подготвена за комерцијалниот пазар до 2020 година, ќе го забрза преносот на податоци и за неколку стотици пати за разлика од технологијата 4G LTE.

“Корисниците ќе можат да уживаат во широкиот спектар на услуги како што се 3D филмови и игрици, стриминг содржини со ултра висока резолуција (UHD) и медицински услуги на далечина”, соопштија од Самсунг.

4G конекцијата постепено стана достапна за корисниците во 2008 година, но многу земји, вклучувајќи ја и Кина, се уште работат на нивните LTE мрежи. Од Самсунг велат дека нашле начин да го решат проблемот со појасите на милиметарски бранови кои се покажаа како камен на сопнување на мобилната индустрија. Тие тврдат дека со користење на 64 антенски елементи го решиле проблемот со неповолните карактеристики на ширење на брановите кои до сега го спречуваа преносот на податоци на голема оддалеченост.

Колку за споредба, преносот на податоци во 4G LTE мрежите може да достигне брзина од само 75 Mbps.