Хрватски старт – ап развива електрична даска за сурфање

148

Фото: Facebook

Хрватскиот старт – ап Plurato развива електрична даска за сурфање, пишува Јутарњи лист.

Станува збор за производ што се темели на хидрокрилна технологија. Благодарение на оваа технологија едрилиците може да се подигнат над нивото на морето, имаат помал отпор и постигнуваат поголема брзина.

“Развојот на хардверот е посложен и подолг процес за разлика од развојот на софтвер, бидејќи бара обемна истражувачка работа. Со развој на електричната даска за сурфање, што се темели на хидрокрилна технологија, почнавме пред околу три години, но во рок од само неколку месеци успеавме да направиме прототип. Првите тестирања ги направивме на средината на 2017 година и со тест возењата собравме многу важни информации што ни беа од корист за развој и подобрување“, изјави Нино Мијач, директор на Plurato.

Даската, под името Plurato Sailfin, е наменета за возење по море, река или езеро, а ја движи многу тивок електричен мотор што достигнува брзина до 30 километри на час. Таа е лесна за управување без оглед на тоа дали ја користи сурфер почетник или професионалец.