Макпрогрес прогласена за Компанија предводник на Целите за одржлив развој 2019

50

Македонската прехранбена компанија Макпрогрес на свеченото доделување на наградите Целите за одржлив развој 2019, коешто се одржа вчера, се закити со наградата Компанија предводник на Целите за одржлив развој 2019.

Оваа награда ѝ припадна на Макпрогрес врз основа на три веќе реализирани проекти во текот на изминатата 2018 година и тоа: поставување на сончеви панели со помош на коишто компaнијата започна да користи обновливи извори на енергија во процесот на производството. Па така, Макпрогрес оваа година планира да користи околу 30% од вкупната годишна потрошувачка на електрична енергија произведена директно од сонцето. Потоа, тука е и донацијата на производи, од нивната широка палета, на децата од СОС Детско Село со што докажаа дека се вистински пријатели со срце. Истакнат беше и проектот за професионално насочување, можности за стипендирање, привремено и трајно вработување на матуранти.

“Оваа награда за одржливост за нас е од огромно значење и претставува потврда за напорите да ги промовираме инспиративните иницијативи на Макпрогрес коишто нудат конкретни решенија и можности за постигнување на целите на одржливиот развој. Ние целиме кон задоволување на потребите на денешните генерации, без да се загрози способноста, потенцијалот и потребите на идните генерации. Нашата програма за одржлив развој вклучува сеопфатен пристап во којшто економските, социјалните и еколошките аспекти се споени во една целина. Уште еднаш благодарност за довербата што ни е укажана со оваа награда. Таа за нас е уште поголем мотив да продолижиме во оваа насока“, изјави Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес.

На настанот поздравни говори до присутните одржаа: Никола Бертолини, од Делегацијата на Европската Унија и Бенџамин Перкс, вршител на должност Постојан коодинатор на ООН во земјава.

Настанот е во организација на здружението на граѓани од Македонија Конект, а финансиски поддржан од Европската Унија.