Стив Истам во периодот од 1974 до 1986 година беше претседател и член на одборот на Finalco Group Inc, компанија за лизинг и финансиски услуги во Северна Вирџинија. Истам е главен основоположник, инвеститор и член на бордот на директори на New Vantage Group LLC, најголемиот ангел инвестициски фонд во Вашингтон.
БИ: Можете ли да ни кажете што се всушност бизнис ангели и што тие претставуваат за бизнисот?
Бизнис ангел е некој кој е веќе успешен во раководење на сопствениот бизнис или некој што го продал својот бизнис, направил добар профит и одлучил да искористи дел од тие пари во инвестирање во туѓи бизниси. За бизнисот на којшто му требаат дополнителни финансии, бизнис ангелот е како дар пратен од небото. Тој ги дава потребните финансии, совети, поддршка. Најчесто тоа е некој поискусен бизнисмен кој инвестира во бизнисот на некој помлад претприемач, притоа давајќи им го сопственото вредно и долгогодишно бизнис искуство.
Зошто се тие важни? Еве, ќе ја земам Македонија за пример, каде што во моментов има голема потреба од финансиски средства. Тука има многу млади луѓе кои се добро образовани, интелигентни, иновативни, но немаат пристап до потребното искуство и финансии, како би можеле за започнат или развијат успешен бизнис. На повеќето бизниси им требаат финансии, но исто така потребно е и искуство, односно умеење да се раководи со бизнисот. Затоа најдобро решение е да се најде претприемач кој има добра идеја во која може да се инвестира и некој кој има време, можност и желба да помогне за развој на добрата бизнис идеја или бизнис. Ние ова го викаме smart money или ангел инвестиција –дар од небото.
БИ: Запознаени ли сте со ситуацијата во Македонија, во однос на бизнис ангелите и нивното инвестирање? Има ли бизнис ангели во Македонија?
Македонија е во многу рана фаза кога станува збор за ваков тип на инвестирање, но истовремено преставува интересна опција за инвестиции. Имате добар демократски систем, стабилни сте, но се уште има работи на кои им треба развивање и усовршување. Цената на трудот тука е многу ниска, како и цената на ресурсите. Во Македонија нема многу луѓе или организации кои можат да им помогнат на добрите бизнис идеи да станат реалност и да се развиваат. Единствено тука би ги издвоил CEED, затоа што тие обезбедуваат разни тренинзи, обуки и вмрежувања кои се од голема важност за малите бизниси и бизнисите во развој. Кога го започнав својот бизнис во САД, ние немавме таков вид на организација. Според мене, Македонија е навистина добро место за инвестиции и луѓето треба да го имаат тоа на ум.
БИ: Постојат ли трендови на инвестирање? Во кои индустрии во моментов најмногу инвестираат бизнис ангелите?
Па да, трендови секогаш постојат. Најчесто бизнис ангелите инвестираат во компании што според нив имаат висок потенцијал за раст. Инвестициите се најчесто во IT секторот, телекомуникациите, финансиските услуги, трговија на мало, енергетика… Има и многу успешни инвестиции во женската козметика. Марта Стјуарт е многу добар пример за успешна инвестиција, луѓето инвестираа во нејзините производи за домаќинство и тоа навистина вроди со плод. Друг пример за тоа е една многу успешна инвестиција во женска козметика во Бугарија, бизнис каде производите се продаваат во домашна атмосфера, од врата на врата, што истовремено е и многу популарно. Бизнис ангелите инвестираат во различен тип на бизниси, но првенствено тие избираат бизнис со висок потенцијал за раст во блиска иднина.
БИ: Што се случува со парите што бизнис ангелите ги инвестираат во бизнисот? Дали со тоа тие поседуваат одреден процент од бизнисот или пак само од профитот што подоцна ќе биде направен?
Тоа е различно и зависи од договорот и од бизнисот. Да речеме дека на една компанија, која постои две години и брои 10 вработени и требаат 100.000 евра. Бизнис ангелот го проценува тој бизнис како профитабилен за три до четири години, инвестира 100.000 евра и со тоа поседува 20% од компанијата. Тоа значи дека ако за неколку години истиот тој бизнис вреди еден милион евра, бизнис ангелот ќе поседува 20% од таа сума. Бизнис ангелите купуваат дел од бизнисот во кој инвестираат и со тоа тие се сопственици на дел од него. Доколку бизнисот тргне во надолна линија или пропадне, бизнис ангелите нема да изгубат многу, но сопствениците на компанијата/бизнисот ќе изгубат значително повеќе.
БИ: Што би ги советувале бизнис ангелите и претприемачите во Македонија? Што е потребно да испитаат, да проверат кај својот потенцијален партнер пред да ја донесат конечната одлука?
Јас би рекол дека и бизнис ангелот и претприемачот треба првенствено да бидат искрени еден со друг. Бизнис ангелот треба да ја каже вистинската причина за неговата инвестиција. Доколку сака да инвестира во мала компанија, а потоа истата да ја превземе како своја, тој тоа треба да го каже на претприемачот. Претприемачот пак треба да го предупреди бизнис ангелот за можните ризици што ги носи неговиот бизнис, можеби има веќе слично нешто на пазарот, можеби постои јака конкуренција. Затоа искреноста од двете страни е најбитна. Бизнис ангелот треба да ги препушти важните одлуки на претприемачот, тој може да дава совети, но не смее да биде критичен кон сопственикот. Претприемачот треба да го почитува бизнис ангелот, да работи вредно со страст, да биде посветен на својот бизнис. Врската меѓу бизнис ангелот и претпримеачот е слична на брак. Нивната соработка ќе трае барем пет години и тие ќе бидат во постојана комуникација.Токму затоа мора да бидат искрени еден со друг и да веруваат во својот партнер, слично како брачните партнери. Доколку се придржуваат кон тоа, успехот нема да изостане.