Окта ќе исплата дивиденда од околу еден милион евра од акумулираната добивка

77

Фото: Pixabay

Компанијата Окта донесе предлог одлука за одобрување на исплата на дивиденда.

“Се одобрува исплата на дивиденда од акумулираната добивка од претходните години, во вкупен бруто износ од 61.784.280 денари (приближно еден милион евра), односно дивиденда во бруто износ од 73 денари по акција“, стои во предлог одлуката.

Според финансиските извештаи за 2018 година, како што се наведува, Окта има акумулирана добивка во вкупен износ од 1.198.516.315 денари. По покривање на нето загубата остварена во 2018 година, остатокот на акумулираната добивка изнесува 1.098.388.965 денари. Дел од акумулираната добивка во износ од 61.784.280 денари ќе биде исплатен како дивиденда на акционерите.

Според предлог одлуката за утврдување на дивиденден календар, последен ден на тргување со право на дивиденда е 30-ти мај, додека прв датум на тргување без право на дивиденда е 31-ви мај оваа година. Датумот на кој се определува листата на акционери со право на дивиденда ќе се утврди врз основа на Акционерската книга на 03.06.2019 година до 16 часот.