Македонска берза стана членка на Иницијативата за одржливи берзи (Sustainable Stock Exchanges Initiative), се вели во соопштението на Берзата.
Оваа Иницијатива е формирана од страна на Генералното Собрание на Обединетите нации и има за цел градење и подобрување на капацитетите на берзите и регулаторите, промоција на одговорно вложување во компании со одржлив развој и унапредување на корпоративното однесување во доменот на заштитата на животната средина и општествената одговорност.
“Веруваме дека ова партнерство ќе и помогне на Македонската берза да биде препознаена како пазарно место што нуди можности за подигање на средства од страна на котираните компании, вклучувајќи ги и малите и средни претпријатија и да дејствува како олеснувач на долгорочниот економски раст“ – изјави извршниот директор на Берзата Иван Штериев.
Македонската берза е основана во 1995 година, а првото тргување официјално започна на 28 март 1996 година.