Google ќе стане сопственик на компанијата Looker, приватна фирма за анализа на податоци, пишува Reuters. Технолошкиот гигант за ова ќе одвои 2,6 милијарди долари, а договорот се очекува да биде комплетиран годинава.
Ова е прва поголема аквизиција за Google Cloud откако има нов извршен директор, Томас Куријан.
Looker, којашто е лоцирана во Санта Круз, Калифорнија, е основана во 2012 година и вработува 800 луѓе. Стартапот има обезбедено 281 милион долари од фондови за ризичен капитал и беше проценета на 1,6 милијарди долари минатата година.
Нејзините алатки им овозможуваат на аналитичарите и останатите работници да дефинираат пресметки за приход или за клиенти со висока вредност и потоа да ги визуелизираат трендовите во нивната база на податоци без да пишуваат комплицирани скрипти.
Ова е најголема зделка на Google по 2014 година кога ја купи компанијата Nest за 3,2 милијарди долари.
Фото: Looker