Фото: Pixabay
Иако за многумина единствениот и најбезбеден начин за чување на готовина е во банка или во посебен сеф, сепак има семејства што се чувствуваат посигурно кога во домот располагаат со одреден износ на пари.
Еден од најголемите ризици кога луѓето чуваат пари во својот дом е грабеж, па тоа е една од главните причини поради коишто постои банкарскиот систем. Иако не постои единствен начин за заштита од грабеж, сепак постојат неколку чекори што треба да се почитуваат за поголема безбедност и заштита.
Најпрво, одберете место за коешто ретко кој би се сетил дека може да “крие големо богатство“. Не е најпаметна опција да ја чувате готовината во близина на други вредни предмети, како што се накит, вредни антиквитети, важни документи и слично.
Скришното место треба ги заштити парите од пожар, влага, вода или други непогоди. Тоа значи дека местото треба да биде темно и сигурно, а од друга страна да биде доволно сигурно и далеку од очите на останатите.
Брокерите и дилерите со хартии од вредност секогаш се водат од принципот – диверзификација на ризик или никогаш не носете ги јајцата во една кошница. Тоа значи дека најдобро е да ја распоредите готовината на повеќе места во домот. Истиот совет може да го примените и кога патувате, па на повеќе места да ги распоредите готовите пари.
Не се оптоварувајте со тоа во домот да чувате голема количина на пари, долг временски период. Можеби ќе успеете да ги заштитите парите од крадци, но колку ќе успеете да ги заштитите од обезвреднување, односно од инфлација.
Затоа, секогаш паметно располагајте со парите што ги имате. Дел чувајте во готовина, а остатокот инвестирајте го во недвижен имот, вредни предмети, злато, хартии од вредност и слично.