Фото: Pixabay
Голем број индустриски постројки во светот имаат машини стари и по неколку децении, па неопходно е да се прилагодат кон модерните потреби за производство и актуелните еколошки стандарди. Решение за овој проблем има Ascalia, старт – ап со седишта во Чаковец (Хрватска) и Лондон (Велика Британија). Станува збор за компанија што ја основаа двајцата инженери, Марин Бек и Дејан Стрбад, пишува Index.hr.
Освен за индустрија, работат и за IoT (Internet of things) решенија за градска инфраструктура.
“Ascalia овозможува постоечките стари индустриски постројки да ги користат придобивките на новите технологии со цел да заштедат и да ја намалат емисијата на штетни гасови со оптимизација на процесите без големи инвестиции. Не е потребно да се купуваат нови делови, бидејќи нашето решение овозможува прилагодувањето да се направи без многу зафати. На пример, некој стар индустриски погон може без проблеми да стане ‘паметна фабрика’ и да ги примени сите наши алгоритми за машинско учење без големи трошоци, а тие најчесто се проблеми при адаптација на модерните технологии“, вели Бек, кој со години се занимава со машинство и има искуство во Силиконската долина.
Во овој момент во Ascalia работат околу 20 лица, а во план е проширување и собирање на дополнителен капитал.