Сладоледот е еден од најпосакуваните начини да се освежиме во летните денови. Минатата година, извозот на сладолед во светски рамки достигна 4,2 милијарди долари.
Подолу анализираме кои земји се најголеми извозници на ова ледено задоволство, каде се наоѓа Македонија, а каде е позициониран регионот.
Најголем извозник на сладолед, според податоците, е Франција, чијшто извоз лани беше на ниво од 576 милиони долари. Зад нејзе се најде Германија со извоз на сладолед вреден 526 милиони долари, а трета е Белгија со извезен сладолед во висина од 419 милиони долари.
Меѓу десетте најголеми извозници на сладолед се и: Холандија, Италија, САД, Полска, Шпанија, Велика Британија и Унгарија.
Од земјите во регионот, најдобро позиционирана е Словенија, којашто со извоз на сладолед вреден 61 милион долари е 13-та во светски рамки. Србија е 20-та со извоз во износ од 41,6 милиони долари, две места подолу е Турција со 34 милиони долари извезен сладолед и Грција едно место подолу со извоз од 33 милиони долари. Хрватска лани извезла сладолед во вредност од скоро 22 милиони долари со што се смести на 30-та позиција, додека Бугарија е 37-ма со извоз од околу 11 милиони долари.
Македонија минатата година извезла сладолед во вредност од 7,9 милиони долари со што го зазема 46-тото место од вкупно 108 земји во светот.
Најмалку сладолед лани извезле: Оман, Мозамбик, Есванти, Брегот на слоновата коска и Брунеи.