Јаболката важат за едно од најздрави овошја, а нашата земја е позната по одгледување на различни сорти. Но, колку заработува светот, а колку ние од извозот на ова здраво овошје?
Минатата година, извозот на јаболка во светски рамки надмина 7,5 милијарди долари, а во Македонија тој износ се позиционираше на околу 9,7 милиони долари.
Како најголеми извозници на ова овошје се појавува Кина со извоз од 1,2 милијарди долари, што е 17% од вкупниот извоз на глобално ниво. Втори се САД со извезени јаболка во висина од околу една милијарда долари, додека на трето место е Италија со извоз од 814 милиони долари.
Меѓу топ 10 извозници се најдоа и: Чиле (700 милиони долари), Франција (570 милиони долари), Нов Зеланд (528 милиони долари), Полска (391 милиони долари), Холандија (290 милиони долари) и Иран (220 милиони долари).
Србија има најдобра позиција од земјите во регионот, 14-та, со извоз од 100 милиони долари, Грција е 25-та со 36 милиони долари извоз на јаболка, додека Словенија се позиционираше на 31-ва позиција со 14 милиони долари.
Извозот на Босна и Херцеговина лани достигна вредност од 4,6 милиони долари, додека во Албанија и Бугарија е околу еден милион долари.
Јаболка во симболичен износ од 1.000 долари се извезени од Кипар, Индонезија и Малта.
Фото: Pixabay