ЕУ: Лани увозот на кафе достигна 7,8 милијарди евра

86

По повод Светскиот ден на кафето, Eurostat сподели неколку интересни податоци за увоз на кафе во Европската унија.

Па така, во текот на минатата година, во ЕУ се увезени над три милиони тони кафе од странство, што е 12% повеќе одошто пред 10 години, чија вредност е 7,8 милијарди евра.

Поголемиот дел од увозот во 2018-та година е од земји коишто не се членки на ЕУ, а доаѓа од Бразил (901.000 тони или 29% од вкупниот увоз на ЕУ) и Виетнам (770.000 тони или 25%). Потоа следуваат: Хондурас (228.000 тони), Колумбија (173.000 тони), Уганда (161.000 тони), Индија (157.000 тони), Перу (127.000 тони) и Етиопија (87.000 тони).

Најголемиот дел од увозот е реализиран во Германија, каде што се увезени 1,1 милиони тони или 36% од вкупниот увоз. Потоа следуваат: Италија (587.000 тони), Белгија (277.000 тони), Шпанија (260.000 тони), Франција (220.000 тони) и Велика Британија (193.000 тони).

Во текот на минатата година, во ЕУ се произведени повеќе од 1,8 милиони тони кафе, што е 3% помалку одошто пред 10 години. Производството на кафе во ЕУ лани достигна вредност од 10,5 милијарди евра, а е еквивалент на околу 3,4 килограми по глава жител.

Меѓу земјите членки на ЕУ, Германија произвела најголема количина на пржено кафе (551.000 тони), по што следуваат: Италија (414.000 тони), Франција (139.000 тони), Шпанија и Холандија (по 138.000 тони) и Шведска (91.000 тони).

Фото: Pexels