Договорена имплеменатација на проектот на ГЕФ за сливот на Дрим

126

Ohridsko ezero & reka Crni Drim v Struga 001 (MK)Претставниците на Македонија, Црна Гора и домаќинот Албанија, вчера во Тирана ја договорија имплементацијата на проектот Глобален еколошки фонд (ГЕФ) за одржливо управување со сливот на реката Дрим.

Проектот има цел промовирање на здруженото управување на трите држави со заедничките води на Дримскиот басен. Имплементирачка агенција е UNDP, додека UNOPS, UNECE и GWP-Med се непосредни извршители.

На отворањето на почетниот состанок на ГЕФ проектот со наслов Овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управување со водените ресурси во поширокиот Дримски басен, зборуваше заменик министерот за животна средина, м-р Стево Темелковски.

Потенцирајќи го задоволството, што три од петте држави кои го делат Дримскиот басен, меѓу кои и Република Македонија, стигнаа до моментот на отпочнување конкретен проект за заштита на басенот, со поддршка на ГЕФ, заменик министерот Темелковски рече дека повеќегодишните заложби за воспоставување на координирана акција на ниво на Дримскиот басен станаа возможни дури со потпишувањето на Меморандумот за соработка од страна на ресорните министри од Земјите што ги опфаќа сливот на реката Дрим и воспоставувањето на Заедничката визија за одржливо управување на сливот.

“Целите кои ги поставува овој проект се засновани на препознавање на потребите за заедничко менаџирање со водените ресурси, координацијата на еколошките и енергетските потреби и потенцијали во басенот, а предвидуваат воспоставување на заеднички мониторинг, заеднички Акционен план и институција, голем број пилот проекти и план за управување со сливот и езерата во него”, рече Темелковски.

Подготвителната фаза на проектот чија вредност се проценува на 4,5 милиони долари ќе трае до крајот на 2013 година, а имплементацијата ќе стартува во почетокот на 2014 година.