Црна Гора ја зголеми стапката на ДДВ од 17% на 19%

37

ddvВладата на Црна Гора донесе одлука за зголемување на стапката на ДДВ од 17% на 19% и задржување на ниската и нултата стапка на исто ниво.

“Основен мотив за донесувањето на ваква одлука е настојувањето на Владата да го сопре понатамошното влошување на индикаторите на фискалната стабилност, во прв ред показателите на јавниот долг, кој е последица на повеќегодишниот буџетски дефицит, односно нескладноста меѓу јавните приходи и јавните расходи. Во случај на понатамошно продлабочување на овој јаз, можно сценарио би било загрозување на буџетската ликвидност и со тоа успорување во сервисирањето на обврските што ги има државата, што би имало негативни ефекти и по граѓаните и по реалниот сектор. Ова ја потврдува потребата од донесување тешка и непопуларна одлука за зголемување на стапката на ДДВ, која заедно со останатите мерки ќе придонесе за намалување на потребата од задолжување и со тоа намалување на јавниот долг во идниот период, што ќе ја унапреди стабилноста на фискалниот, финансискиот и макроекономскиот систем”, стои во соопштението на министерството за финансии.

Ниската стапка на ДДВ од 7% ќе остане на исто ниво. Ниската стапка на ДДВ се однесува на основните продукти за исхрана, лекови, учебници, книги, услуги во туристички објекти, услуги на јавен превоз, лична хигиена, услуги што се наплаќаат преку билети за културни настани… и со нејзино задржување на исто ниво, ќе бидат заштитени социјално најранливите категории.

Од министерството истакнуваат дека станува збор за мерка со привремен карактер и дека во следниот период ќе ги следи ефектите од нејзината примена.

Зголемувањето на стапката на ДДВ на 19% беше најавено уште во април, а се очекува оваа мерка на државата да и донесе приход меѓу 37 и 40 милиони евра.