Скопје vs Белград

112

Скопје од Белград е оддалечено околу 430 километри или околу четири часа возење со автомобил. Со помош на податоците на Numbeo, ќе направиме споредба колку се овие два града “оддалечени“ со цени.

Ако сте во Скопје и сакате да ручате во скап ресторан, за тоа ќе треба да платите околу 5,6 евра, додека во Белград 10% помалку или околу 5,1 евро. Доколку во ресторан сакате да нарачате вода од 0,33 литри, во нашиот главен град за тоа ќе платите 0,78 евра, а во Белград 20% повеќе или 0,94 евра.

Еден килограм јаболка во маркет во Скопје се продава за околу 0,75 евра во просек. За истата количина од ова овошје во српската престолнина ќе платите 7% помалку или 0,70 евра. Една кутија со 20 цигари кај нас во просек чини 2,28 евра, а во Белград 2,72 евра или 19,63% поскапо.

Кога имате потреба да патувате со такси, за старт на оваа услуга во Скопје ќе платите 0,65 евра, а во Белград 122% поскапо – 1,45 евра. Кога се работи за бензинот, еден литар од ова гориво во Скопје има цена од 1,11 евра, а во Белград 1,35 евра или 21% повеќе.

Жителите на Белград плаќаат 34% поскап интернет (21,41 евра), за разлика од кај нас каде што оваа услуга чини околу 15,86 евра.

Ако родителите на дете во Скопје одлучат да го пратат во приватно основно училиште, тогаш за тоа ќе платата околу 3.168 евра годишно. За истата таа намена, во Белград треба да се одвојат над 5.000 евра или 59% повеќе.

Изнајмување стан со три спални соби во центарот на Скопје чини околу 402 евра, а во Белград 63% поскапо – 657 евра. Кога се недвижнините во прашање, голема разлика (96%) има кај цените на становите по метар квадратен во централното градско подрачје. Во Скопје е околу 1.228 евра, а во Белград 2.411 евра.

Просечната месечна исплатена нето плата во Скопје е околу 389 евра, додека во Белград е 7% повисока или 420 евра.

Фото: Pixabay