За да стигнете во Берлин, од Скопје треба да преминете околу 1.670 километри. Оваа европска и германска престолнина е атрактивна за многу луѓе од целиот свет. Преку Numbeo ќе направи разлика меѓу цените во нашиот град и во германската престолнина.
Па така, ако сте во кафуле во Скопје и порачате шолја капучино, за таа цел ќе платите 1,35 евра, а во Берлин за тоа треба да одвоите 100% повеќе или 2,69 евра. Шише вода од 0,33 литри во исто такво кафуле во Скопје ќе ви биде наплатено околу 0,78 евра, а во Берлин 122% поскапо или 1,73 евра.
Во супермаркет, еден литар млеко во Скопје има цена од 0,83 евра, а во Берлин 7% поевтино или 0,77 евра. Еден килограм домати во маркетите во Скопје чини 0,48 евра, а во Берлин 190% повеќе или 1,39 евра. Една кутија со 20 цигари во Скопје се продава по просечна цена од околу 2,27 евра, а во германската престолнина 6,40 евра или 182% повеќе.
Над 517% има разлика во цените кога се работи за користење такси услуга, односно ако имате потреба таксистот да ве почека до еден час. За таа услуга во Скопје ќе в биде наплатено 4,86 евра, а во Берлин 30 евра.
Месечните сметки за вода, струја, греење, ладење… во Скопје се околу 107 евра, а во Берлин 127% повеќе или околу 244 евра.
Изнајмување на еден стан со една спална во центарот на Скопје е околу 228 евра, а во Берлин 286% повеќе или 886 евра месечно. Еден метар квадратен на стан во централното градско подрачје кај нас е околу 1.225 евра, а во Берлин 392% повеќе или околу 6.030 евра.
Над 478% е разликата меѓу просечните месечни нето плати во двата главни града. Па така, просечната нето плата кај нас е 389 евра, а во Берлин 2.256 евра.
Фото: Pixabay