Перење пари – главен проблем на светската економија

419

Перење пари е фундаментално едноставен концепт. Тоа е процес преку кој приходите добиени од криминални активности се преправаат со цел да се сокрие нивното нелегално потекло.

Перењето нa пари е еден од главните глобални проблеми. Овие активности ја компромитираат стабилноста, транспарентноста и ефикасноста на финансиските системи, како на развиените земји, така и на земјите во развој. Кај голем број на земји овие активности покренаа значајни прашања што се однесуваат на рано откривање, спречување и гонење. Софистицираните техники коишто се користат за легализација на “валканите“ пари за да се финансира тероризмот уште повеќе ги усложнуваат овие прашања.

Овие техники можат да вклучат повеќе различни типови на финансиски институции. Тоа се банки, штедилници, друштва за осигурување, друштва за управување со фондови, но и други субјекти од нефинансискиот сектор како на пример: трговци со недвижности, адвокати, нотари, финансиски советници и други. Така, друштвата за осигурување, банките или другите субјекти можат без нивно знаење да бидат користени како посредници во трансфер на парични средства и тоа во делот на криминални активности, а со цел прикривање на вистинскиот сопственик и вистинскиот извор на тие средства.

Што претставува “перење пари”?

“Перење пари“ е процес на пуштање во оптек на нелегални средства преку легални канали, со цел да се прикрие нивното илегално потекло. Финансирање на тероризам подразбира трансфери на средства коишто можат да бидат од легално и илегално потекло. Тоа е направено со цел да го прикријат нивното нелегално потекло или да ја прикријат намената на тие средства. Македонија во борбата против оваа појава го има донесено Законот за спречување на перење на пари. Тој е основен законски акт со којшто се регулира борбата против перењето на пари и финасирање на тероризам во Република Македонија.

За поголем број земји, перење пари и финансирање на тероризмот покренуваат значајни прашања коишто се однесуваат на превенција, детекција и гонење. Софистицираните техники кои се користат за да се исперат валканите пари и да се финансира тероризмот уште повеќе ги усложнуваат овие прашања. Ваквите софистицирани техники можат да вклучат повеќе различни типови на финансиски институции како и други ентитети, како што се финансиски советници т.н. shell corporations, обезбедувачи на услуги на посредништво; трансфери до, преку и од различни земји и користење на повеќе различни финансиски инструменти.

Финансирањето на тероризмот, исто така, е фундаментално едноставен концепт. Тоа е финансиска поддршка на тероризмот или на оние кои го поддржуваат, планираат или на било каков начин се вклучени во тероризмот. Помалку едноставна е дефиницијата на самиот тероризам, бидејќи овој термин може од земја до земја да има различно значење (политичко, религиозно или национално).

“Перење пари“ и финансирање на тероризмот често пати вклучуваат слични трансакции, чија цел првенствено е прикривање. Субјектите инволвирани во “перење пари“ пуштаат во оптек нелегални средства преку легалните канали со цел да го прикријат нивното илегално потекло, додека оние кои го финансираат тероризмот вршат трансфери на средства што можат да бидат и од легално и од нелегално потекло, со цел да го прикријат нивното нелегално потекло или да ја прикријат нивната намена – помагање на тероризмот.

“Перењето пари“ не е нов феномен – криминалците отсекогаш се обидувале да ги сокријат средствата кои потекнуваат од нивната криминална активност. Иако во текот на долг период оваа активност се сметала за маргинален проблем, по експанзијата на трговијата со дрога, перењето пари стана составен дел од секоја сериозна криминална дејност. Добивката од криминалот, којашто е главно во форма на готови пари, мора да биде “исчистена”, за да може потоа повторно да се користи од страна на криминалците.

Перењето на пари вклучува серија на финансиски операции (депозити, нивно повлекување, трансфери итн.), коишто на крајот резултираат со тоа што валканите пари од криминалот стануваат чисти пари, кои можат да се користат за легитимни деловни активности. “Исчистените” валкани пари се “рециклираат” низ легитимните бизниси, а оттаму навлегуваат на легитимниот пазар и се распространуваат низ целата економија.

Како меѓународен феномен, кој е распространет и е во постојан пораст во последните години, перењето пари може особено да ги погоди економиите коишто се во процес на транзиција и кои нудат значајни можности за странски инвестиции. Финансиските контролни рамки како во банкарскиот така и во небанкарскиот сектор, често е помалку строг во овие земји отколку во другите, што ги прави особено подложни на операциите на перење пари.

Земајќи ги предвид различните илегални активности, вклучувајќи го и перењето пари од организирани криминални групи во некои од овие земји и во поедини случаи, нивните наводни инфилтрации во целокупните национални економии, од витален интерес е земјите да создадат и да одржат еден веродостоен финансиски систем, способен за детекција, превенција и контрола на перењето пари. Досегашното искуство покажа дека и организираните терористички групи, исто така, го злоупотребуваат светскиот финансиски систем за да ги финансираат нивните илегални активности, со што се поставува сериозен ризик за искористување на финансиските институции за криење на парите добиени од тероризам. Затоа, мерките наменети за превенција на перење пари, треба да се прошират и на финансирање на тероризмот.

Организацијата на Обединетите Нации има преземено бројни напори, од кои повеќето во форма на меѓународни договори, со цел да помогне во борбата против финансирањето на тероризмот и механизмите кои се користат за таа цел. И пред терористичките напади од 11 септември 2001 година врз САД, ОН ја усвоија Меѓународната конвенција за сузбивање на финансирање на тероризмот (1999). Потешкото прашање за државите е дефинирање на тероризмот. Не постои консензус од страна на државите кои ја имаат ратификувано оваа конвенција за тоа кои активности се подразбираат под поимот тероризам.

Значењето на поимот тероризам не е универзално прифатено поради различните политички, религиозни и национални импликации кои се разликуваат од земја во земја. ФАТФ, којашто е препознатлива и како група која поставува стандарди во однос на мерките и напорите за борба против финансирањето на тероризмот, во своите девет специјални препораки не го дефинира терминот финансирање на тероризам. Оттука, дефиницијата содржана во Меѓународната Конвенција за сузбивање на финансирање на тероризмот (1999) на ОН е прифатена од повеќето земји.

Како изгледа процесот на перење пари во пракса?

Сложениот процес на “перење пари” најчесто може да се подели во три фази и тоа: во првата фаза се врши пласман на пари, втората фаза го опфаќа процесот на прекинување на врската со изворот на средствата и третата фаза ја претставува интеграцијата со која вршителот на кривичното дело ги превзема испраните пари.

Фазата на пласманот претставува фаза на првото воведување на “валканите” пари во светот на легитимноста. Притоа, се користат различни техники и методи почнувајќи од купување на стоки и услуги до депонирање на пари во банкарскиот и финансискиот систем преку повеќе секундарни трансакции, кои го маскираат вистинскиот депонент. Со цел да биде намален ризикот во оваа фаза најчесто се користи операцијата smurfing или разложување, на тој начин што сумата за перење се дели на помали износи, најчесто меѓу разни поединци или фирми и потоа се воведува во легитимниот систем.

Откако главната сума ќе биде поделена на помали износи, понатаму со нив можат да се купуваат финансиски инструменти, да се користат како депозити во банките или да се пласираат во легитимните готовински дејности како што се разни клубови, ресторани и казина. Со завршување на фазата на пласманот започнува фазата на layering, односно прикривање, чија цел е да се прикрие трагата на нелегитимните средства со прекинување на документационата трага која се создала во фазата на пласманот. Исто како и во фазата на пласманот, во фазата на прикривањето се користат различни техники и методи за прикривање на изворот на средствата и тоа преку оформување на фиктивни правни лица во оф – шор јурисдикции, преку повеќеслоен пренос и враќање на средствата, преку лажни трансакции и фиктивни и надувани фактури или преку вложување на парите на меѓународните финансиски пазари во акции или други хартии од вредност.

Во последната фаза “интеграцијата”, доколку последните две фази се успешно завршени, парите добиваат потполн легитимитет и сторителот на кривичното дело може непречено и без ризик да ги користи, но овојпат како “чисти” пари. Значи, целта на интеграцијата е повторно враќање на испраните пари кај сопственикот кој понатаму ги користи за свои потреби. “Перењето пари“ и финанирање на тероризмот се појавуваат во повеќето земји во светот, но особено во оние со комплексни финансиски системи, земји со недоволна, неефикасна или инфраструктура подложна на корупција. Фактот што комплексните интернационални финансиски трансакции можат да бидат злоупотребени за целите на перење пари или финансирање на тероризам, одделните фази од процесот на чистење на валканите пари најчесто се појавуваат во различни земји.

Колку пари се “испрани” откога беше воспоставен надзор на протокот на пари во меѓународни рамки?

Криминалците кои ги вршат овие активности ги користат системите на различни земји за да ги прикријат нелегално стекнатите приходи, користејќи ги како предност разликите на режимите против перење пари и финансирање на тероризам кои постојат помеѓу различните земји. Оттука, точни проценки за обемот на перењето пари и финансирањето на тероризмот во глобални рамки не се возможни. Што се однесува исклучително на перење пари груба проценка на Меѓународниот монетарен фонд е дека износот на испрани фондови во светот би можел да се движи во износ помеѓу два и пет проценти од светскиот бруто домашен производ. Користејќи статистички податоци од 1996 година, овој процент би значел сума од 590 милијарди долари до 1,5 илјади милијарди долари. Не само оваа, туку и било која друга проценка ја покажува серизноста на овој проблем, којшто го заслужува комплетното внимание на секоја земја.