Според последните статистики, сè поголем број на луѓе во Европа го одложуваат заминувањето во пензија. Од 2003 до 2018 година, стапката на луѓе кои имаат повеќе од 55 години и се вработени се зголемила од 12,1% до 19,7%.
Минатата година речиси половина, 49,8%, од мажите постари од 65 години биле вработени со скратено работно време, додека тој процент кај жените изнесувал 64,1%.
Индустрии што најмногу вработувале луѓе постари од 65 години биле земјоделие, шумарство и риболов, каде што работеле 14,4% од целата работна сила над таа возраст.
Финансиските примања и здравствениот статус играат најголема улога кога постарите жители решаваат дека е време за пензија.
Многу од државите во Европа ја зголемуваат возрасната граница за пензионирање. Така на пример, во Грција, Исланд и Норвешка мажите и жените можат да одат во пензија на 67 години, што е најголема старосна граница во Европа.
Во Австрија и Полска жените можат да се пензионираат на 60 години, што е најмала старосна граница на континентот.
Во Македонија старосната граница за одење во пензија за жени е 62, додека за мажи 64 години. Сепак, добар дел од вработените одлучуваат да го продолжат својот работен ангажман од приватни или професионални причини.
Фото: Pixabay