Очекуваното траење на работниот век на луѓето во Европската унија (број на години колку што очекуваат да работат лицата постари од 15 години), за минатата година, е 36,2 години, покажуваат податоците на европската статистика.
Тоа е за 0,3 години подолго во однос на 2017 година и 3,3, години подолго во однос на 2000 година. Податоците покажуваат дека мажите очекуваат подолг работен век (38,6 години) за разлика од жените (33,7 години).
Земји што очекуваат најдолг работен век се: Швајцарија (42,7 години), Шведска (41,9 години), Холандија (40,5 години), Данска (39,9 години) и Естонија (39 години).
Од земјите во регионот, најдолго очекување за должина на работниот век имаат жителите на Словенија од 36,1 година. Потоа следуваат: Србија со 33,3 години, Бугарија со 33,2 години, Грција со 32,9 години и Црна Гора со 32 години.
Должината на работниот век, според очекувањата на Македонците е 31,5 години. Пред 10 години, односно во 2009 година, очекување за должината на работниот век на жителите на земјава бил 30,9 години.
Најкраток работен век од 29,4 години очекуваат жителите на Турција.
Фото: Pixabay