Heineken треба да му плати отштета од над 80.000 евра на Бреговиќ

65

Високиот трговски суд во Хрватска ја потврди пресудата за тужба, стара девет години, во којашто музичарот Горан Бреговиќ бара надомест на штета од Карловачка пивовара, односно Heineken, поради неовластено користење на неговите дела, пишува Seebiz.

Според пресудата, Heineken на Бреговиќ ќе мора да му исплати 600.000 хрватски куни или 80.700 евра плус законски камати. Причина за оваа казна е тоа што сопственикот на пивскиот бренд Heineken без одобрение на авторот го користел музичкото дело на Горан Бреговиќ – Битанга и принцеза.

Heineken ја користел музиката во рамки на кампањата Karlovačko live 2007, а песната ја преработиле во телевизиски и радио спот и реклама на официјалната интернет страница на пиварата. Поради тоа, според судот, повредено е правото на сопственост на авторот.

Бреговиќ поради повреда на авторските права поднел тужба и за други песни што биле јавно изведувани во рамки на истата кампања од први ноември до 31-ви декември 2007 година, но судот го одбил тоа барање.

Бреговиќ ја поднесе тужбата во 2010 година поради неовластено користење на неговите дела. Интересен е фактот, како што пренесува Seebiz, спорните песни на турнејата ги изведувале поранешните колеги на Бреговиќ од групата Бело дугме – Жељко Бебек, Ален Исламовиќ и Тифа.

Фото: Pixabay