Доколку вашиот бизнис има потреба од поддршка, соработка или инвестиција од кинески партнери, во тој случај овие совети би ви биле од голема корист.
Кинезите важат за нација којашто е специфична по многу работи, но сепак кога комуницираат со западниот свет знаат да покажат поголема флексибилност. Тие веруваат дека секој поединец треба да биде тесно поврзан со семејството и заедницата во којашто припаѓа. Посебно ги ценат постарите и оние лица кои имаат некаква титула.
При првата средба, може да се ракувате. Иако тоа не е вообичаен начин на којшто тие се поздравуваат меѓу себе, сепак имаат предвид дека доаѓате од друга земја и го толерираат тоа. Тие вообичаено се поклонуваат во знак на поздрав. Најпрво треба да се поздрават постарите лица кои се присутни на средбата.
Кога избирате што ќе облечете на состанок со вашите кинески партнери, бидете внимателни и водете се од бизнис етиката за конзервативно облекување што е широко прифатено во светот.
Во однос на обраќањето, тие ги користат стандардните господин или госпоѓа, а на тоа го додаваат презимето. Доколку на средбата има градоначалник, директор или друг човек со некаква титула, тогаш најпрво се кажува титулата, а потоа и остатокот.
Кинезите не сакаат кога странците се допираат, па затоа не ги прегрнувајте во знак на поздрав или ако сакате да си честитате за успешно сработената задача.
Ја ценат точноста, па доколку задоцните, може да оставите лош впечаток. Нивните состаноци секогаш започнуваат во времето што било претходно договорено. Ако имате визит картичка, според правилата, би требало да ја размените на крајот на состанокот.
Инаку, Кинезите важат за луѓе кои не зборуваат многу течно англиски јазик. Па доколку станува збор за важен состанок на којшто треба да се прецизираат важни детали, препорачливо е да побарате помош од преведувач.
Важат за бизнисмени кои се претпазливи и никогаш не донесуваат избрзани одлуки. Затоа, бидете подготвени на долг преговарачки процес во којшто ќе треба да се договорат дури и најситните детали.
Тие се внимателни и кога станува збор за седењето на состанокот, па почитувајте го правилото дека домаќинот седи од левата страна на најважниот гостин. Не е невообичаено во еден момент сите да замолчат и да завладее тишина. Нека не ви биде непријатно и не го прекинувајте вие молкот.
Треба да имате на ум дека Кина е земја во којашто доминираат мажите, но сепак има многу жени кои водат свои бизниси или големи компании. Интересен факт е дека на жените во преговарачките тимови, освен други задачи, им ја препуштаат обврската да кажат “не“ на даден предлог или да ја одбијат соработката.
Фото: Pixabay