Винарската визба Тиквеш се закити со уште две значајни награди на престижен меѓународен вински натпревар, со што го продолжи трендот на меѓународни признанија од почетокот на годината.
Имено вината Темјаника Special Selection од бербата 2012-та и црвеното Барово од бербата 2011-та добија златни медали на натпреварот Concours Mondial de Bruxelles кој годинава се одржа во Словачка. На 19-то издание на овој реномиран вински натпревар беа претставени 8.200 различни вина од 50 земји од светот.
Вината ги оценуваа 305 дегустатори со различен профил како сомелиери, купувачи и увозници на вино и специјализирани вински новинари, од 40 различни држави.
“Наградите со кои во континуитет се закитуваат вината на Тиквеш за нас не претставуваат цел сама за себе, туку се во функција на нашата долгорочна цел, а тоа е позиционирање на Тиквеш како играч на светската винска мапа. Наградите претставуваат значајна референца со која го градиме имиџот на Тиквеш, тие се значаен аргумент за квалитетот на нашите вина во сите извозни напори. Оттаму произлегува и вниманието кое го посветуваме на учеството на значајните меѓународни натпревари како Concours Mondial de Bruxelles, на кој со двата златни медала дополнително придонесовме за нашиот имиџ, но и за имиџот на Македонија како винска земја”, изјави Игор Илиевски, генерален директор на Тиквеш.
Специфично за натпреварот Concours Mondial de Bruxelles, чие матично место на одржување е Брисел, Белгија, е тоа што почнувајќи од 2006-та година се одржува надвор од границите на Белгија, односно во различни градови на Португалија, Шпанија, Италија, Франција, Луксембург и Холандија.
Годинава за првпат натпреварот се одржа во земја од поранешниот источен блок, Словачка и потврди дека вината од источна Европа сериозно се наметнуваат на светската винска мапа и им конкурираат на вината од стариот и новиот свет.