Македонските граѓани користат од 120 до 150 милиони пластични кеси годишно во коишто потоа фрлаат различен отпад. Користењето на вакви кеси кои се посочуваат како едни од загадувачите на животната средина треба да се ограничи од први јануари 2021 година кога тие ќе се наплатуваат минимум по 10 денари, пренесува МИА.
Од Асоцијацијата за управување со посебни текови за отпад сметаат дека ваквата новина е добра бидејќи значително ќе се намали користењето на пластични кеси, а со тоа ќе се влијае на заштитата на животната средина.
“Пластичните кеси генерално во маса не учествуваат многу во вкупната пластика што се пушта на пазарот. Од 120.000 тони отпад од пакување, пластичните кеси учествуваат со два до три проценти во маса, но како волумен и како видлив загадувач се најприсутни. Во бројки тоа би било од 120 до 150 милиони кеси годишно пуштаат на пазарот македонските граѓани и верувам дека со 10 денари по кеса, оваа бројка ќе се намали барем половина уште во првата година по стапување во сила на оваа одредба,“ истакна на денешната прес-конференција Филип Ивановски, претседател на Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад.
Најзасегнати од оваа новина ќе бидат граѓаните бидејќи тогаш нема да имаат доволно пластични кеси за да го фрлаат отпадот, туку ќе треба тоа да го сторат во посебни кеси во кои ќе се селектира отпадот.