Деловната комуникација во Канада е прилично директна, па нема да имате потреба од дешифрирање пораки или читање “меѓу редови“. Канаѓаните голема важност даваат на позитивниот став и добро информирани бизнис партнери, па ако треба да го организирате првиот состанок со нив, обрнете внимание на овие детали.
Вообичаеното работно време им е од девет до 17 часот, а преферираат важните состаноци да ги одржуваат во утрински термини. На состаноците го користат вообичаениот поздрав со ракување, на којшто можат да го остварат и контактот очи в очи.
Исто така, за време на состаноците претпочитаат и мали паузи во коишто ќе може да се дискутира на различни теми што не се поврзани со работата, а може да бидат поврзани за хокеј, голф или некој друг спорт. Сакаат да зборуваат на општи теми, имаат широки познавања, но не сакаат да зборуваат за приватниот живот.
Кога ќе го закажат терминот за состанок, очекуваат да биде почитуван. Прифаќаат доцнење до 15 минути. Ако добиете покана за деловен ручек, немојте да бидете изненадени, бидејќи траат кратко со лесна храна и без алкохол.
Во поглед на дрес кодот, претпочитаат формално облекување, а имајте на ум дека ги избегнуваат силните парфеми, поради можни реакции од алергии.
Ако треба да се преговара, во тој случај треба да бидат добро информирани, да ги истражат сите елементи и не дозволуваат ништо да испуштат од вид. Тој процес може да потрае, но не сакаат ништо да остават на случајност.
Фото: Pexels