Пораст на приходите со уште поголем раст на добивките на годишно ниво. Раст и на бројот на вработени. Македонија се покажа како добра дестинација за француските бизниси. Таргет Груп објавува колку фирми, од кои дејности како работеле во земјава, пишува порталот Analitika.mk.
Компаниите во земјава, коишто се во сопствеништво на странски менаџери или во структурата имаат најмалку еден сопственик од Франција, во економската 2018 година прикажале приходи во износ од скоро 22,6 милиони евра со остварена чиста добивка од 1,4 милиони евра. Според податоците на Таргет Груп во земјава работат 63 компании коишто имаат француски капитал и тие во 2018 година во однос на 2017 година прикажале раст на приходите за 56% и раст на добивката за 67%.
Според остварените приходи, добивка и бројот на вработени на прво место е компанијата Апаве Сее ДОО Скопје, којашто се занимава со техничко испитување, анализа, промет и услуги. Оваа француска фирма прикажала приходи од 9,3 милиони евра и добивка во износ од 574.000 евра со вкупен број на 184 вработени.
На второ место според висината на приходите и добивката е Фрејссинет Интернатионал и компанија од Руеил Малмаисон, Франција – Фрејссинет Интернатионал и компанија – подружница во Македонија. Оваа фирма којашто доаѓа од градежниот бизнис, со таргет изградба на мостови и тунели, во 2018-та прикажала приход од 3,1 милион евра и добивка на ниво од 371.300 евра, но оваа компанија според бројот на вработени не е рангирана во првите пет.
На трето место со 2,7 милиони евра остварени приходи е подружница на странско трговско друштво Гуинтоли Франција – Подружница Скопје, којашто се занимава со изградба на станбени и нестанбени згради, но оваа компанија не е меѓу водечките според добивката и бројот на вработени. На четврто место со приход од 1,4 милиони евра е Друштво за организација на транспорт Лди Гроуп МК ДООЕЛ Скопје, а на петто место е друштво за менаџмент, уметност, музика и култура Фаме’С ДОО Скопје со приход од 989.000 евра.
Според висината на добивката, по првите две фирми Апаве Сее ДОО Скопје и Фрејссинет Интернатионал и компанија од Руеил Малмаисон, Франција – Фрејссинет Интернатионал и компанија – подружница во Македонија, на трето место со 148.000 евра е Друштво за организација на транспорт Лди Гроуп МК ДООЕЛ Скопје, на четврто место е Друштво за менаџмент, уметност, музика и култура Фаме’С ДОО Скопје, фирма којашто доаѓа од дејноста на уметничкото творештво, со прикажана добивка од 127.400 евра а на петто место е Друштво за трговија и услуги Пцес експорт-импорт ДОО, Скопје од секторот на компјутерско програмирање со добивка од 50.200 евра.
Фото: Pexels