Министерството за животна средина и просторно планирање ѝ додели на Пивара Скопје нова А-интегрирана еколошка дозвола со важност во наредните седум години, стои во соопштението.
Со овој документ се потврдуваат дополнителните вложувања и одржувањето на највисоко ниво на контролата на можно влијание на компанијата врз животната средина. Со новата еколошка дозвола се опфатени и проценети сите измени во инфраструктурата и технолошките процеси кои Пивара Скопје ги има направено во периодот од добивањето на претходната еколошка дозвола, издадена во август 2012-та година, до денес.
“Грижата за животната средина е една од најзначајните стратешки определби и претставува еден од столбовите на коишто се темели долгорочниот одржлив развој на Пивара Скопје. Ние сме целосно свесни за придонесот што го имаме и што можеме да го дадеме за обезбедување почиста животна средина и затоа како компанија имаме интегриран пристап и си поставуваме цели и еколошки таргети коишто во одредени сегменти ги надминуваат дури и барањата од домашното законодавство во оваа област. За нивно исполнување од големо значење се посветеноста на сите вработени, нашите интензивни вложувања, како и огромната поддршка и лидерство од групациите Coca-Cola HBC и HEINEKEN каде припаѓа нашата компанија“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин.
Тој им се заблагодари на сите вработени во компанијата за нивната посветеност во исполнување на сите услови за добивање на новата еколошка дозвола, како и на надлежните институции за соработката. Истовремено, додаде дека Пивара Скопје на институциите им ги става на располагање целокупното знаење и искуство на компанијата и на нејзините вработени во оваа област.
“Новата А-интегрирана еколошка дозвола претставува потврда за сите досегашни напори и вложувања на Пивара Скопје во заштита на животната средина и истовремено претставува гаранција дека компанијата во својата работа целосно и во континуитет ќе продолжи да ги применува највисоките стандарди во оваа област предвидени со нашето законодавство, почнувајќи од изборот на суровини, преку контролата на процесот на производство, дистрибуција и продажба, па сè до управувањето со амбалажата“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Поддршка кон успешното заокружување на процесот и добивање на новата еколошка дозвола дадоа и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс, амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, како и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, кој упати и посебна порака.
“Задоволни сме што на територијата на нашата општина имаме компании како што е Пивара Скопје кои не само на хартија, туку и на дело покажуваат дека се подготвени да преземат сѐ што е потребно за да го сведат на минимум влијанието врз животната средина. Ова нека биде поттик и за останатите компании, но и за сите останати субјекти во нашата заедница, како и во целото општество, да ги следат ваквите успешни примери и да го дадат својот конкретен придонес за создање почиста животна средина што треба да биде заедничка цел и основна задача на сите нас“, рече градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
Во оваа прилика, ресорниот министер, градоначалникот на Гази Баба и двајцата амбасадори ги посетија и се запознаа со главните технолошки процеси во Пивара Скопје и со инвестициите кои обезбедуваат поголема заштита на животната средина, како што е Станицата за био-третман на водите, што претставува високотехнолошка иновација во домашната индустрија и обезбедува заштеда и целосно прочистување на целокупната вода што се користи во производствениот процес на Пивара Скопје. Оваа станица е првата од ваков вид во земјата и регионот и во нејзината изградба беа инвестирани околу три милиони евра.
Раководејќи се од глобалните определби за заштита на животната средина и одржлив развој, дефинирани од групацијата Coca-Cola HBC за периодот до 2025 година, Пивара Скопје ќе работи на тоа целокупната амбалажа што се употребува да може да се рециклира, а истовремено поголемиот дел од пластиката што се користи во производството да потекнува од рециклирана ПЕТ амбалажа. Компанијата си постави и амбициозна цел која ги надминува законските обврски, континуирано да го зголемува својот придонес во собирањето на отпадот од пакување што се врши преку системот во кој учествува и првата специјализирана компанија за управување со отпад од пакување – Пакомак, каде Пивара Скопје е еден од основачите и обезбедува континуирана поддршка за нејзиното функционирање.
За предводничката улога и евидентните резултати во доменот на заштита на животната средина и одржливиот развој, Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Coca-Cola HBC, шест години по ред, го освојуваат првото место во европската и светската индустрија за пијалаци, во рангирањето кое го спроведува The Dow Jones Sustainability Indices – DJSI, водечкиот глобален стандард за одржливост во бизнисот.