Најголемиот европски саем за енергетика Power Gen Europe, во Виена, на кој во изминатите три дена учествуваа најпознатите енергетски брендови од светот, меѓу кои и АД ЕЛЕМ завршува денес.
За АД ЕЛЕМ ова е трето учество на Power Gen Europe. Пред две години компанијата учествуваше на саемот во Милано, а лани во Келн. На саемот во Келн штандот на ЕЛЕМ го посетија преку 3.000 посетители и се воспостави комуникација со значаен број на компании, кои потоа учествуваа на тендерите од ЕЛЕМ.
Генералниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски е задоволен од годинашното учество на Саемот и смета дека токму ваквиот начин на претставување доведува до значајни контакти преку кои во Македонија се трансферираат најновите технологии.
“Имавме значајни контакти во изминатите три дена и можевме да се запознаеме со прогресот на технологиите во областа на енергетиката во изминатата година. Секако новите контакти ќе придонесат за поголем број заинтересирани компании за учество на нашите јавни повици за реализација на зацртаните проекти. Евидентно е дека ЕЛЕМ, единствената компанија од Македонија што се претставува на Power Gen Europe веќе станува препознатлива на Саемот и нашиот штанд е се поатрактивен и попосетен”, изјави Бошковски.
Преку 3Д проекција на Саемот, ЕЛЕМ ги презентираше проектите парк на ветерни електрани Богданци, ХЕЦ Бошков Мост, браната Луково Поле, проектот Вррдарска долина и хидроелектраните Чебрен и Галиште на Црна Река.