Цените на храната ќе пораснат до 40%

11

z620hrana-fullПоради зголемената побарувачка во следната деценија, цените на храната ќе пораснат меѓу 10% и 40% на глобално ниво, затоа владите мораат да работат на зголемување на земјоделското производство.

Ова беше наведено во заедничкиот Извештај на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Во изминатите десетина години растот на земјоделското производство е забавен, иако потрошувачката е зголемена заради поголемата заработувачка во земјите во развој, изјавија експертите на двете организации на прес конференција на која беше претставен заедничкиот извештај.

Понатаму во извештајот се предупредува дека владите мораат да изнајдат начин да им овозможат на земјоделците пристап до технологија која ги зголемува приносите и ја подобрува преработката за да може што повеќе храна да стига до пазарите.

Според проценката на двете организации цените на храната би можеле да пораснат и до 40% во следните десет години, со оглед на тоа дека цените на месото растат побрзо од цените на зрнестата храна.

Зголемената цена најмногу ќе ги погоди земјите во развој во кои домаќинствата трошат и до 60% од приходите на храна, предупредуваат стручњаците, додавајќи дека заради смалените инвестиции во земјоделството во изминатите неколку децении и растот на производството паднал за околу третина.