Заразни болести што му се заканија на светот

390

Во последните години светот се соочува со сериозни заразни болести што добиваат размери на епидемија, а со себе носат голем број инфицирани и смртни случаи.

World Atlas направи листа на заразни болести што ја загрижија светската јавноста, а последен во низата е коронавирусот што со себе однесе над 1.000 смртни случаи.

Ебола

Во западните делови на Африка постојат четири видови на вирусот Ебола. Се верува дека овошните лилјаци се главни носители на вирусот. Може да се пренесе на луѓето доколку тие дојдат во контакт со болни или мртви заразени животни или контакт со лилјаците. Преносот од човек на човек може да биде преку контакт со телесни течности на заразениот. Најголемата епидемија на Ебола започна во 2014-та година и се прошири на повеќе делови од континентот. Според податоците на Светската здравствена организација, бројот на пријавени смртни случаи од Ебола надмина 21.000. Како причини за ширење на овој вирус може да бидат лошите санитетски услови, несоодветна медицинска нега, како и некои традиционални обреди што вклучуваат директен контакт со мртви тела.

Свински грип

Вирусот од групата H1N1 или познат како свински грип, изби во периодот 2009-та и 2010-та година. Според официјалните податоци, епидемијата предизвика смртен исход на стотици илјади лица. Вирусот за прв пат беше идентификуван во САД во 2009-та година.

Зика

Овој вирус што може да се пренесе преку посебен вид на комарци или по сексуален пат. Поголемиот број на луѓе заразени со овој вирус не покажувале некои посебни симптоми. Но, посебно беше опасен за бремените жени, бидејќи може лесно да се пренесе на фетусот и да предизвика сериозни нарушувања. Првите случаи на Зика се регистрирани во Бразил во 2015-та година, по што се прошири и во Латинска Америка, Карибите и САД.

САРС

Првата инфекција со вирусот САРС е регистрирана во 2002-ра година во кинеската провинција Гуангдонг. За кратко време се пренесе во 26 земји во светот во Азија, Јужна и Северна Америка и Европа. Епидемијата на САРС е ставена под контрола по една година, а за тоа време се регистрирани над 8.000 случаи на заразени и над 770 смртни случаи.

Птичји грип

Грипот H5N1 е познат како птичји грип, а првите случаи се регистрирани во 1997 година во Хонг Конг. Тогаш починале шест лица, а заразата повторно се појавила во 2003-та година. Птичјиот грип потоа е регистриран во девет азиски земји: Кина, Јапонија, Тајланд, Виетнам, Камбоџа, Лаос, Индонезија, Јужна Кореја и Пакистан. Оваа зараза е одговорна за над 450 смртни случаи.

Корона вирус

Овој вирус се појави во декември минатата година во кинескиот град Вухан. Досега се регистрирани над 45.000 заразени лица, црниот биланс е над 1.100 починати, а над 4.800 се успешно излекувани. Корона вирусот досега е регистриран во 28 земји и територии низ светот: Кина, Јапонија, Хонг Конг, Сингапур, Тајланд, Јужна Кореја, Тајван, Малезија, Германија, Австралија, САД, Франција, Велика Британија…

Фото: Pixabay