Трговијата во регионот би била поедноставна кога не би имало граници и кога би постоел слободен проток на капитал, луѓе и прописи проследени со помалку администрација.
Тоа е заклучокот донесен на панелот Западен Балкан – регионална економска зона, одржан во рамки на Копаоник Бизнис Форум, пренесува B92.
Зоран Јовановски од Стопанската комора на Македонија вели дека економското поврзување на регионот е дел од Берлинскиот процес, односно политичка одлука. Тој истакна дека одлуката за економско регионално поврзување е меѓународна и политичка, додавајќи дека тоа не е проблем, бидејќи постојат примери на такви одлуки коишто функционираат, наведувајќи дека Еврозоната е една од нив.
“Еврозоната е класичен пример на политичка одлука и таа функционира“, нотираше Јовановски и додаде дека економското поврзување на регионот е добра стартна позиција во процесот на евроинтеграции.
Потребно е Западен Балкан да се промовира како заеднички пазар, а не земјите меѓусебно да се тркаат во привлекување на странски директни инвестиции.
Укажа и на тоа дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со два најголеми проблеми, а тоа се недостаток на работна сила и еколошки прашања.
Претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукичи, рече дека тој се залага за поголем степен на интеграција во регионот, додавајќи дека во нашиот регион тоа е тешко остварливо бидејќи не може да се говори за слободен проток на стока, услуги и капитал кога нема проток на луѓе.
“Не може да има слободна трговија на стоки ако нема слободно движење на луѓе. Ние мораме да поминеме комплицирани процедури за визи ако одиме за БиХ, а ако сакаме да дојдеме на Копаоник, тогаш мора да ги тргнеме нашите регистерски таблици“, вели Рукичи.
Според него, земјите од Западен Балкан би требало да се занимаваат со решавање на практични прашања и да гледаат кон иднината, како и на економската интеграција на регионот.
Фото: Pixabay