Победници не се оние кои не доживеале пораз, туку оние кои никогаш не се откажале

2236

Посветеноста и упорноста се победници на крајот на денот, така да победници не се оние кои не доживеале пораз, туку победници се оние кои никогаш не се откажале, вели Викторија Шотароска Трајкова, регионален менаџер за Македонија, Косово и Албанија на компанијата P.I.C.Co., во интервју за Бизнис Инфо.

P.I.C. Co. е компанија што се занимава со производство и трговија на суровини и репро материјали за прехранбената индустрија.

Бизнис Инфо: Вашата работна позиција е регионален менаџер на компанија P.I.C. Co. за Македонија, Косово и Албанија. Како започна вашата приказна во оваа компанија?

Компанијата P.I.C. Co. постои веќе 19-та година на пазарот, јас сум во истата од самите почетоци. По вокација сум дипломиран инженер технолог и моето универзитетско образование, како и претходното кратко искуство што го имав во производствена фирма беа одлична отскочна даска за моите почетоци во P.I.C. Co.. Ја започнав мојата кариера како комерцијалист, по оформување на комерцијалниот тим станав директор на продажба, за по седум години да бидам поставена на чело на компанијата и да раководам со истата. Значи на позиција главен менаџер на компанијата сум полни 12 години.

Успешната приказна од Македонија сакавме да ја раскажеме и регионално , па така ја отворивме канцеларијата на Пикко во Косово во 2005 година, а седум години потоа и на албанскиот пазар.

Бизнис Инфо: Колку се разликува начинот на водење на работата во нашата земја во однос на регионот, односно во земјите каде што раководите?

Како интернационална компанија имаме корпоративни правила на работење и однесување, но во ниту една од земјите каде што јас раководам истите не се спроведуваат на крајно радикален начин. Еден од поважните фактори за пооделниот успех во секоја од земјите е почитувањето на културата, навиките, менталитетот и бизнис етиката на локалните луѓе и пазарот соодветно, од таа причина стриктно нагласувам дека флексибилноста, компромисот, прифаќањето и меѓусебното разбирање и почитување се клучни и одлучувачки критериуми за успех.

Лично сметам дека во последните пет до 10 години специјално во Косово и Албанија промените се случуваат со брзината на светлината, луѓето и соодветно пазарите се отворија кон светот и ги согледаа можностите за професионален развој, а најголем фактор за тоа е отворањето на сознанието за легално, лојално и посветено работење.

Бизнис Инфо: На кој успех сте најмногу горда и дали се плашите да направите грешка?

Во делот на професионалниот сегмент горда сум на успехот што го генерираме од година во година и што навистина успешната приказна трае. Горда сум на оформениот прекрасен тим и на среќните луѓе во мојот колегиум со кои работам и без кои приказната Пикко немаше да биде тоа што е денес.

Што се однесува до грешките, имало и сигурно ќе има, се обидувам истите да ми бидат лекција и патоказ за тоа како нетреба или како треба. Страв од истите постои поради одговорноста, но истиот страв не ме спречува во отворање нови предизвици и можности.

Бизнис Инфо: Дали низ процесот на градење на кариерата сте наишле на некоја пречка бидејќи сте жена?

Сум наишла на многу пречки секако, но најмалку како причина затоа што сум жена 😊. Пречките може да се објективни или субјективни но најмалку зависат од половата определеност.

Бизнис Инфо: Колку жените во компаниите во земјава лесно достигнуваат до важни и високи позиции во компаниите и што е пресудно за тоа?

Достигнувањето на висока и важна позиција во било која компанија може да достигне секоја индивидуа која ќе покаже добри резултати во работењето без разлика на полот. Дотолку повеќе, лично сметам дека жената генерално поседува карактеристики кои ѝ нудат можност за многу добар и динамичен развој на било која позиција. Ние жените со сите оние носечки карактеристики како што се амбициозност, максимална посветеност, одговорност, па и одлучувачки способности, кои мора да признаеме не секојпат ни се јака страна, но пак од друг агол нè прават многу повнимателни во пристапот, навистина направивме револуција и се докажавме како одлични лидери и топ менаџери во секоја сфера на работењето.

Бизнис Инфо: Што е клучно за да може една жена да биде успешна во бизнисот, но во исто време задоволна и исполнета во приватниот живот?

Една од најважните работи е БАЛАНСОТ сметам дека мора да постои баланс помеѓу личниот и професионалниот живот кај една жена. Балансот па како таков се постигнува со многу работа и инвестирање во себе со цел да се постигне внатрешен мир и реализираност, многу добро почитување на своето време и времето на сите околу себе, дисциплина, упорност и неодрекување и многу важно – одредување на приоритетите кои ни се менуваат со годините.

Бизнис Инфо: Колку доедукацијата ви помогнала да развиете подобри вештини и да ја усовршувате вашата функција?

Мене лично неформалното образование ми беше и сè уште ми е од големо значење пред сè за следење на локалните и глобалните трендови во работењето генерално. Најнапред истакнување и развивање на личните перформанси, потоа соодветно согледување и осознавање дека си рамо до рамо и на прав пат со истакнати и признати менаџери на компании, сопственици на големи бизниси, претприемачи. Сето тоа сосема оправдано ја подига самодовербата, самопочитта и сосема оправдано следува успехот и респектот/ признанието од околината, што мораме да признаеме на сите ни е важен 😊.

Бизнис Инфо: Дали постои некое мото што ве води кон успехот, дури и во моменти кога се соочувате со некаков предизвик?

Посветеноста и упорноста се победници на крајот на денот, така да победници не се оние кои не доживеале пораз, туку победници се оние кои никогаш не се откажале!

Што би им порачале на жените кои сакаат да започнат бизнис или да напредуваат во кариерата? Што им е неопходно за да постигнат долгорочен успех?

Сметам дека можностите немаат граници, доколку сакаме да најдеме оправдувања ќе ги најдеме на секој чекор, затоа што реално околу нас постојат многу опструкции и препреки. Денес не е прашањето како е да се биде жена менаџер, воопшто не е во прашање полот, во прашање е согледувањето да се утврдат и откријат можностите и перспективите кои навистина се многубројни.

Бидете упорни, бидете одговорни, бидете дисциплинирани. Поставете си точно дефинирани цели кои ќе ви бидат главен фокус – тоа ќе ве води кон целта и реализацијата!