Не е познато колку точно милионери живеат во Србија, бидејќи таква евиденција не се води. Според податоците на Народна банка на Србија, како што пишува Блиц, има 458 штедачи кои на своите сметки чуваат повеќе од пола милион евра.
Оваа бројка, како што се наведува, има тренд на пораст од година во година. Според официјалните податоци, повеќе од пола милион евра на сметките во банките во 2018-та година имал 351 граѓанин, а во 2019-та година 378, што претставува раст и до 30% годишно.
Вкупно 458 најбогати штедачи на чување во банките имаат оставено 540 милиони евра, што значи дека просечната вредност на штедниот влог што припаѓа на оваа група, со над 500.000 евра, изнесува околу 1,2 милиони евра.
Времето кога трката за поволни камати и добра заработка од штедење беше на цена веќе е минато, бидејќи каматите, особено за девизно штедење се многу ниски. Но, како што пишува Блиц, ако некој штеди милион евра, на годишно ниво може да заработи околу 8.000 евра.
Според официјалните податоци на Народната банка на Србија, вкупното штедење на граѓаните во Србија изнесува повеќе од 11 милијарди евра и е за околу пет милијарди повеќе во однос на 2010-та година.
Фото: Pixabay